Шекеринска и кинескиот министер Веи заклучиле дека борбата со пандемијата бара заедништво
Со високи воени почести денеска во Министерството за одбрана беше пречекан министерот за одбрана на Кина, генералот Веи Фенгхе, кој престојува во официјална посета на Северна Македонија.
На средбата со министерката Радмила Шекеринска била потврдена долгогодишната билатерална одбранбена соработка, која се базира на Спогодбата за соработка од 2004 година, која е особено активна во доменот на военото образование и обука, изучувањето на кинески воени вештини и воените спортови.
Министерката Шекеринска, како што информираат од Министерството за одбрана, се заблагодарила за кинеската поддршка во справувањето со последиците од пандемијата, која во јули 2020 година за Армијата донираше заштитна медицинска опрема составена од заштитни маски, заштитни очила, визири, заштитни одела, ракавици, инфузиски пумпи, термометри и термални шлемови, во вкупна вредност од околу 250.000 долари.
„Ниту една земја не може да изгради ѕидови и да се заштити од пандемијата доколку целиот свет не се заштити. Само кога сите заедно се бориме со истиот непријател, ќе имаме подобри и побрзи резултати“, рече министерката и ја искористи можноста за да побара од министерот Веи побрза испорака на кинеските вакцини во нашата земја.
Кинескиот министер за одбрана, се вели во соопштението, на средбата порачал дека одбранбената соработка меѓу Кина и Северна Македонија е добра, но постои простор за зајакнување на соработката во школувањето и воената обука, справувањето со кризи, во мировните операции и обуката на специјалните сили.
„Седумдесет земји во светот ја одобрија уптребата на кинеските вакцини. Во Кина 100 милиони луѓе се вакцинирани. Како одговорна земја, Кина сака да придонесе да се доведе пандемијата под контрола“, рече кинескиот министер Фенгхе и најави дека ќе се заложи за побрза испорака на кинеските вакцини во Северна Македонија.
Министерот најави и можност за поддршка на македонската армија со кинески вакцини.
На состанокот, се вели во соопштението министерката Шекеринска и нејзиниот кинески колега Веи се заложија за заеднички и здружен одговор на светот пред предизвиците на глобално ниво.