Шекеринска и Адеми во Ресен го претставија проектот „ЕУ за Преспа“


Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот задолжен за дијаспора и претседател на работната група за поддршка на Преспанскиот регион, Едмонд Адеми во Ресен го претставија проектот „ЕУ за Преспа“ и иницијативата „Преспа форум за дијалог“.

Шекеринска, преку зборовите на големиот грчки филозоф Аристотел, посочи дека без храброста не може ништо да се направи и дека токму храброста заедно со честа се најголемите доблести, кои беа потребни да се реши еден од најголемите проблеми кои ја прогонуваат нашата земја од независноста, проблеми за кои цената ја плаќавме ние самите со изгубени шанси и блокирани интеграции кои „11 години стоеја на слеп колосек“.

„Ние денеска можеме заедно со македонското знаме да го ставиме и НАТО знамето, не како резултат на наша амбиција или желби, туку како резултат на наша завршена работа. Ние сме НАТО. Ова си го пишувавме како слоган и го задававме како задача, ни беше инспирација, ама подлабоко од сè во себе се плашевме дали ќе стане и реалност. Бидејќи ни беше на дофат речиси дваесет години, ама дваесет години гледавме дека ни бега таа шанса од рацете. И, навистина благодарејќи на таа храброст, благодарејќи на таа одлука која што се потврди токму во Преспа, денеска Република Северна Македонија е членка на НАТО и ја доби новата преговарачка рамка за преговори со Европската унија. Преспанскиот договор заедно со преговарачката рамка ни даваат сила да истраеме за кога ќе си ја завршиме домашната задача, нашиот македонски јазик биде службен јазик на Европската унија“, рече министерката.

Таа порача дека „Преспа форумот“ има шанси да се етаблира заради својот дух, заради политичката инвестиција која е вградена во темелите на овој форум.
За инвестицијата во Преспа, рече, освен политички, ќе има свој економски, инфраструктурен, земјоделски, туристички одржлив резултат и дека оваа инвестиција во Преспа ќе биде нашето наследство.

Проектот „ЕУ за Преспа“ е финансиран од ЕУ, во висина од 18 милиони евра и истите ќе бидат обезбедени од фондовите за претпристапна помош (IPA III) за 2021 година,  додека помал дел од трите соседни земји, опфатени со проектот – Северна Македонија, Албанија и Грција, нагласи министерот Адеми.
Визуелниот изглед на центарот беше претставен од архитектот Ивана Белчева, а со видео порака од Швајцарија на присутните им се обрати архитектот Дамјан Кокалевски.

На настанот присуствуваа граѓани на Ресен и Преспанскиот регион, а на присутните им се обрати и градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски.