Шекеринска: Ги делиме евроатлантските вредности, се адаптираме на промените, ја штитиме колективната безбедност


Во рамките на работната посета на Италија, министерката Радмила Шекеринска го посети Одбранбениот колеџ на НАТО во Рим, каде пред слушателите на напредниот курс, говореше на тема „Искуствата од првата годишнина од членството на Северна Македонија во НАТО“.

-Северна Македонија и сојузниците во Алијансата споделуваат исти, заеднички вредности и принципи – демократија, човекови права, владеење на правото. Нашиот заеднички пристап кон справувањето со сите сегашни и идни безбедносни предизвици е можеби најголемата предност од членството во најмоќната воено-политичка Алијанса во историјата, рече министерката Шекеринска и додаде дека денеска Северна Македонија од корисник прерасна во придонесувач кон глобалниот мир и безбедност, со свој глас во обликувањето на безбедносната агенда на Алијансата.

На престижната образовна институција во Рим за студии и истражувања на трансатлантските безбедносни прашања, министерката Шекеринска предупреди на важноста на одржувањето на европската и евроатлантска перспектива и интеграција на Балканот, како најдобра гаранција за стабилноста на овој дел од Европа.

По една деценија на стагнација, рече таа, Северна Македонија докажа дека за секој конфликт има решение, а НАТО го докажа кредибилитетот на својата политика на отворени врати и доби уште еден сојузник. На потег е ЕУ.

– Максимата на НАТО е – прилагоди се на промените. Нашиот нов статус на земја членка на НАТО во регионот сега е – извозник на стабилност. Посветеноста на Северна Македонија на вредностите на НАТО дава силен импулс на безбедноста и стабилноста на регионот. Тоа се и вредностите на ЕУ. Одговорноста на ЕУ да ги донесе вистинските одлуки и да ја одблокира европеизацијата на регионот, нагласи Шекеринска.

Во обраќањето, министерката се осврна и на развојот на капацитетите за тренинг и обука, особено на полигонот „Криволак“ кој самостојно, но и заедно со сојузниците го развиваме како еден од клучните капацитети на Алијансата за развој на интероперабилноста. Во контекст на развој на капацитети за обука, министерката го посочи и Регионалниот центар за односи со јавноста, етаблиран НАТО центар кој ќе ги прошири и засили своите капацитети во доменот на справувањето со дезинформациите и во пракса, но и преку зголемување на можностите за едукација и обука на домашен и НАТО персонал кој е посветен на борбата со лажните вести.

Со обраќањето на министерката Шекеринска на НАТО колеџот во Рим, како што информира Министерството за одбрана, заврши и нејзината работна посета на Италија.