Шекеринска: Државата не треба да функционира со половични институции

Го поминавме врвот на епидемијата, ама треба да научиме да живееме со Kовид-19 додека не се најде вакцина,изјави вицепремиерката Радмила Шекеринска, додавајќи дека не треба да се дозволи државата да функционира со половични институции во очекување на вториот бран.

Одговарајќи на прашање за очекувањата од исходот од лидерската средба во однос на одржувањето на изборите, Шекеринска рече дека граѓаните очекуваат да се решаваат прашањата што се отворени.

„Целата јавност очекува работите што се битни да се решаваат. Откако добро се справивме со најкритичната етапа од кризата, подигнато е нивото на доверба во институциите на државата, а пред сѐ во здравствениот систем кој претходно беше често критикуван. Сега целиот свет живее во променети околности. Го поминавме врвот на епидемијата, ама треба да научиме да живееме со ковид-19, додека не се најде вакцина или посоодветна терапија. Сега, сите земји се подготвуваат за можниот нов бран на епидемијата, така што нашата држава не смее да дозволи и натаму да функционира со половични институции, “ рече Шекеринска.