Шекеринска до ВМРО-ДПМНЕ: Престанете да плукате по армијата!


Министерката за одбрана Радмила Шекеринска има времен сертификат за да може да биде ефективна на функцијата, а чека постојан

„Ги повикувам ВМРО ДПМНЕ и нивните портали да престанат да ги плукаат луѓето во Армијата и одбраната. Последните омаловажувања на македонскиот хируршки тим кој е на обука со норвешки експерти за мисија во Авганистан, предизвикаа остра реакција на Норвешка. Лажни обвинувања на сметка на својата земја!„- реагираше вечерва министерката за одбрана Радмила Шекеринска. 

По написите во некои портали во кои се омаловажува македонскиот хируршки тим кој е на обука со норвешки експерти за мисија во Авганистан, норвешкото аташе Егил Далтвеит до Министерството за одбрана испрати официјална изјава во која изразува остра реакција за објавените лаги. Вп изјавата стои:

„Одбранбеното аташе на Кралството Норвешка изразува загриженост за присуството на лажни обвинувања на некои македонски веб портали против македонскиот хируршки тим кој во моментов е на обука во Норвешка.

Како членка на НАТО, на Република Северна Македонија и се дадени обврски да обезбеди различни способности за алијансата. Ова беше дискутирано од страна на вашата министерка за одбрана и началникот на Генералштабот на состанок со претседателот Пендаровски на 11 септември 2020 година. Една од потребните способности е и теренскиот хируршки тим, при што беше разговарано и за начинот на кој треба да се развива оваа способност според највисоките стандарди на НАТО, по што беше одлучено како да се развива ова способност за вашата армија. Подоцна, истиот ден, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и генералот Васко Ѓурчиновски и официјално ме прашаа дали Кралството Норвешка е подготвено да обучи македонски хируршки тим и да го интегрира во полската болница предводена од Норвешка во Кабул, како дел од операцијата „Одлучна поддршка“, во рамките на Мисијата на НАТО Авганистан.

Тимот пристигна во Норвешка на 15 јануари 2021 година. Јас бев лично присутен да ги поздравам и да им посакам добредојде заедно со претставници на Норвешката здружена воена медицинска служба, раководството на полската болница и македонскиот амбасадор во Кралството Норвешка. Мојот впечаток за секој член на тимот врз основа на нашата средба беше многу позитивен.

По обврската да бидат во карантин десет дена по пристигнувањето во Норвешка, тимот се обучуваше заедно со нивните норвешки колеги со кои ќе бидат распоредени заедно во Авганистан. Обуката ја спроведува Норвешката здружена воена медицинска служба, а методологијата и квалитетот на обуката се такви што многу од поголемите земји сојузници на НАТО досега ги испратиле и сѐ уште ги испраќаат своите тимови во Норвешка да учествуваат во овој вид на обука. Накратко, тие се обучуваат од водечките експерти за трауматска хирургија во светот. А норвешкиот хируршки тим со кој заедно ќе се распоредуваат се врвни медицински професионалци од светска класа.

Норвешка ја прифати задачата да го обучи македонскиот тим врз основа на долгогодишната блиска соработка со вашите вооружени сили во областа на воената медицина. Претходно, во седум наврати, медицински тимови од вашата земја беа распоредени заедно со нас во Авганистан. Како пример за професионалноста што ја покажа вашиот персонал, еден од македонските лекари беше одликуван со престижен норвешки медал за спасување на животите на норвешките војници кои беа толку тешко ранети и за кои што немаше многу надеж дека ќе преживеат.

Природно е дека тим што е регрутиран со цел да ја воспостави основата на способноста на теренските хируршки тимови во вооружените сили на Северна Македонија не е 100% подготвен на почетокот на обуката. Ниту, пак, норвешкиот тим е 100% подготвен, па затоа и двете екипи минуваат низ многу сложена заедничка обука. Кон вашите припадници, мажи и жени, се однесуваме еднакво како и кон нашите за време на обуката. На вашиот тим им ги дадовме истите привилегии кои ги има и нашиот тим, вклучувајќи и вакцинација против Ковид-19 за сите оваа недела.

По обуката не се издадени формални поплаки од норвешка страна против ниту едно од шесте лица од македонскиот тим, ниту пак против тимот како целина. Секако, за време на обуката беа идентификувани бројни области за подобрување кај двата тима, и кај сите поединци. Се разбира дека беше дадени и многу јасни насоки во однос на областите во кои е потребно подобрување. Како резултат на тоа, видовме дека припадниците на вашиот тим многу сериозно ги сфатија коментарите и напорно работеа за да го постигнат светскиот стандард на кој инсистираат обучувачите.

Како заклучок, нема поплаки против македонскиот хируршки тим, ниту пак против некој од членовите на тимот од страна на Кралството Норвешка. Не сме побарале од тимот, ниту пак од членовите на тимот да бидат повлечени. Напротив, командантот на полската болницата, потполковник Бент Андерс Салберг, ме уверува дека тој и неговиот персонал имаат целосна доверба во секој член од македонскиот тим и со нетрпение очекуваат да служат рамо до рамо до нив во рамките на оваа сложена мисија. Како командант, тој ќе доделува задачи на целата болница, користејќи го секој тим и секој поединец согласно нивните способности. Дополнително, обуката и градењето на искуството во вашиот тим ќе продолжат, по што тие ќе се вратат во Северна Македонија со вештини кои претходно ги немале“, стои во реакцијата на потполковник Егил Далтвеит од Кралството Норвешка.