Шекеринска: Амбициозни сме да станеме членка на најголемиот воено-политички сојуз

Изјавата на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски по вчерашниот Совет за безбедност дека во наредните 50 дена ќе имаме турбулентен период покажува колку државата е амбициозна во делот на членството на НАТО и добивањето на датумот за преговори со Европската Унија, оцени при денешната посета на штипската касарна „Јане Сандански“, министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

-Амбициозни сме за неколку месеци да станеме членка во најголемиот воено – политички сојуз. Триесет години се трудиме тоа да го направиме, сега на дофат ни е тој успех. Меѓутоа, јасно е дека има структури во и надвор од државата, коишто се противат на оваа стратешка цел, исто како што има и за жал и  одредени структури и во државата, кои најверојатно не се многу среќни, ако ги почнеме преговорите во октомври и заради тоа предвидувањата се дека ќе има турбулентни настани, бидејќи такви се случуваа во сите земји, коишто беа на прагот од НАТО членство и на почетокот на преговори со Европската Унија, вели Шекеринска.

Министерката за одбрана потенцираше дека вчерашниот состанок на Советот за безбедност покажа дека нашата држава има капацитет да се справи со предизвиците, но како што вели, државниот врв  има  знаење, желба и силен фокус да успее во стратешките цели во овој момент за да не се испушти шансата која е дадена.

Прашана дали е безбедна јужната граница, имајќи во предвид дека се зголемува бројот на мигранти во Грција, министерката Шекеринска истакна дека ситуацијата е стабилна, но со многу големо внимание ги следат настаните на Блискиот исток, Турција и во Грција и преговорите со ЕУ по ова прашање.

– Притисокот на нашите граници може многу често да предизвика и различни проблеми и треба да бидеме подготвени. Армијата е на границата за да покажеме дека државата е подготвен, рече Шекеринска.

Што се однесува за повратниците од боиштата во Сирија, Шекеринска вели дека и на оваа тема дискутирале на Советот за безбедност, а оценките се дека нивниот број не е голем.

-Меѓутоа овие боишта не се така далеку од државата и она што го видовме низ Европа и во целиот свет е дека многу лесно тие луѓе наоѓаат пат до земјите каде што сакаат да направат проблем. Затоа вчера повикавме на многу голема и подобра координација помеѓу сите разузнавачки и безбедносни структури во државата и тоа е еден од клучевите на успехот, кога ќе лоцираме луѓе, кога тие ќе се враќаат назад во државата. Имаме подготвени програми за намалување на радикализмот, за некаква ресоцијализација, меѓутоа сето тоа се прашања со кои се мачат и многу поискусни држави, вели Шекеринска.

Таа истакна дека добрата соработка меѓу нашите безбедносни и разузнавачки структури со сојузнички е добра формула за да се гарантира безбедност на граѓаните.