Шеги што не ја насмеаја „Илинденска“


Жртва сум на измама на добро организирана структура што работи против земји со евроатлантски аспирации. Оставка не поднесувам, нема вина ниту во мојот тим. Наседнав на измамници, но ги застапував интересите на земјата. Делот со наводното мито за вселенскиот патријарх Вартоломеј е изваден од контекст. Доколку некоја од земјите или политичарите што се спомнати во разговорите побараат, подготвен сум да се извинам. Во иднина ќе бидам многу повнимателен.

Ова се поентите од едночасовната прес-конференција на премиерот Зоран Заев, кој беше под вкрстен оган на новинарите, кои бараа одговори за снимките објавен на социјалните мрежи, во кои тој разговара со руските комичари Владимир Кузенцов и Алексеј Столаров, мислејќи оти од другата страна на линијата се довчерашниот украински претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Во трите долгочасовни разговори на англиски јазик може да се слушне дека „Порошенко“ бара од Заев да го нарекува Петар Македонски бидејќи украинските научници му откриле ген на Александар Македонски и се фали оти има фабрика за чоколади што сака да ги извезе во Македонија, при што нашиот премиер ветува оти ќе помогне и приватно. „Порошенко“ го советува Заев дека може да издејствува автокефалност за МПЦ на ист начин како украинската: со 100.000 евра во џебот за Вартоломеј, по што првиот човек на „Илинденска“ нагласува оти „ќе го направиме тоа во кеш“.

„Во тој дел се вршени сериозни интервенции и се ставени во контекст кој не е автентичен и се извлекуваат неточни заклучоци. Јас како православен верник ќе направам сè што можам да се реши проблемот со црквата, лично сум помагал во изградба на десетина цркви, ќе помагам и во иднина и би сакал мојот пример да го следат и други“, нагласи претседателот на Владата.

Во разговорите тој ги дава телефонски броеви на Вес Мичел (поранешен американски функционер) и од косовскиот премиер Рамуш Харадинај, а за српскиот претседател Александар Вучиќ напоменува оти е под руско влијание. Против е идејата за размена на територии меѓу Косово и Србија бидејќи смета оти тоа ќе ја отвори Пандорината кутија на Балканот.

 

„Не направив никаква штета, телефонските броеви се достапни, а доколку некоја земја или политичар се почувствува навредено ќе се извинам. Не е нанесена штета на интересот на државата, не открив државна тајна или безбедносно сензитивни информации, ме измамија затоа што сум отворен и достапен за сите, но не мислам сега да се затворам. Секако, во иднина ќе бидат зајакнати протоколите за безбедни комуникации, а Владата во соработка со партнерите од НАТО ќе изработи план за борба со вакви акции за дезинформирање и манипулирање. Не сметам дека станува збор за нарачка од некого во земјава затоа што измамниците се познати во светот и цел им се земји или аспиранти за НАТО, а земјава е на прагот да стане полноправна членка на Алијансата. Ова е еден од оние обиди за директна штета на нашите стратегиски интереси да го завршиме процесот на нашето членство во НАТО. Тоа се добро организирани структури за ширење влијанија во интерес на трети страни“, нагласи Заев.

Македонскиот премиер се најде во друштво на францускиот претседател Емануел Макрон, поранешниот лондонски градоначалник Борис Џонсон, грузискиот експретседател Михаил Саакашвили, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, музичарот Елтон Џон… кои, исто така, беа жртви на руското комичарско дуо.

Но поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски смета дека Заев ги нарушил дипломатските протоколи за меѓудржавна комуникација, а со тоа и тајноста на државните строго доверливи информации на Македонија, го нарушил угледот на државата, а згора на тоа ја подривал и довербата на трети држави кон Македонија (САД, Германија, Грција, Русија) со тоа што открива доверливи разговори и нивни позиции кон чувствителни регионални и меѓународни прашања.

Заев морал да знае дека разговор меѓу двајца државници се договара официјално преку амбасадорите во двете земји, се потврдува преку дипломатските советници во двата кабинети, а потоа се архивира со министерот за надворешни работи. Доколку ова не го знаел Заев како премиер, тогаш пред да си даде оставка, нека ги разреши и министерот Никола Димитров и советникот Дане Талески, кои биле должни да го запознаат со тие дипломатски правила. Првиот телефонски разговор на Заев со лажниот Порошенко се случил во август 2018 година. Иако премиерот Заев го остварил разговорот на начин спротивен на дипломатскиот протокол за меѓудржавна комуникација, тој сепак после тоа морал усно или писмено да го запознае министерот за надворешни за содржината на разговорот, а советникот Талевски морал да изготви писмена белешка за темите од разговорот. Зависно од темите, писмената белешка можела да биде класифицирана како државна тајна или строго доверливо. Потоа Димитров бил должен со таквата белешка да ги запознае претседателот на државата, нашиот амбасадор во амбасадата во Киев, директорите во МНР за европски и воневропски држави, а по негова проценка и нашите највисоки дипломати во Москва, во Берлин, Атина и во Вашингтон. Доколку постапел вака лесно ќе се утврдело дека станува збор за комичарска или можеби шпиунска местенка и вториот и третиот разговор воопшто немало да се случат“, објаснува Милошоски.

Заев одговори дека е од „крв и месо“, има динамична агенда и чести телефонски разговори, кои ги прави од својата канцеларија на фиксна линија кога е на работа или преку апликацијата „Ватс ап“. Од сите разговори неговите советници прават записници, а и овие разговори, рече, биле споделени со јавноста. Вистинските Порошенко и Столтенберг не се информирани за измамата, а нема реакција од ниту една друга страна. Разговорите вчера беа објавени во сите водечки медиуми во Русија.

„Амбасадата не коментира активности на приватни лица, особено не шеги на комичари“, велат од Амбасадата на Руската федерација во Скопје.

Пивоваров: Ниту една комуникација не е безбедна

Поранешниот разузнавач Владимир Пивоваров вели дека со напредокот на технологијата во денешно време, апсолутно е невозможно стопроцентно да се обезбеди комуникацијата.

„Во комунизмот се знаело: претседателите имале два телефона, црвен и црн, и се знаеше кој може да се јави на едниот, а кој на другиот, при што службите петпати ќе провереа кој се јавува. Денеска се други времиња, ниту една модерна технолошка комуникација не е безбедна. Колку и да е силна електрониката, секогаш има простор да се изигра. Погледнете дека слични примери има во една Германија, Америка или Англија. Во ова динамично време премиерите имаат по 150, 200 или повеќе телефонски разговори во текот на денот, невозможно е службите да ги контролираат сите. Но очигледно ќе мора да се забави со тоа темпо, можеби протокот на информации ќе се намали, но полесно ќе се контролираат“, смета Пивоваров.

Горан Адамовски