Шефот на турската дипломатија, Фидан, денеска во Косово


Фото: Б. Грданоски

Министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан денеска ќе престојува во официјална посета на Република Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

За време на престојот во Косово, Фидан се очекува да оствари билатерални средби со претседателката на Косово, Вјоса Османи, со премиерот Албин Курти и со министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала.

Според најавите, на средбите ќе се разговара за односите меѓу двете земји, регионалните и безбедносните прашања, а ќе се одржи и првиот состанок на Мешовитиот комитет за економија и трговија на владите на двете држави.

Шефот на турската дипломатија ќе ги посети Призрен и Мамуша и ќе се сретне со тамошните припадници на турската заедница и нејзините претставници.

Фидан ќе го посети и седиштето на Мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, каде Турција ја има командата од октомври 2023 година, при што ќе се сретне и со командантот на Мисијата, генерал-мајор Озкан Улуташ, се вели во официјалното соопштение на Министерството за надворешни работи на Турција.