Шефот на станицата во Грција бил назначен пред 40 дена, по тримесечен курс


Два дена по фаталниот судар на два воза во Грција во кој загинаа најмалку 57 лица, на виделина излегуваат големи недостатоци и застареност на мрежата, а синдикатите уште пред несреќата издале неколку предупредувања.

Претставниците на синдикатот пред точно три недели предупредија за тешката состојба во железничкиот сообраќај.

– Кога ќе се случи несреќа, одговорните ќе леат крокодилски солзи – предупредија тие критикувајќи го „големиот недостиг на кадар“.

Истовремено, тие предупредија на „недостигот на заштитни мерки на работното место во однос на безбедноста при работа и сообраќајот на возовите“.

Полицијата соопшти дека во верижниот судир загинале најмалку 57 лица, додека најмалку 56 лица се сметаат за исчезнати.

По несреќата, експертите и медиумите го критикуваа „недостигот од електронски системи“ и недостигот на персонал, додека шефот на станицата, осомничен за несреќата, пред судот призна дека згрешил.

Медиумите, вклучително и јавната телевизија ЕРТ, го потенцираа неговото немање искуство, бидејќи според нивните информации, тој на таа функција бил именуван пред само 40 дена, а претходно работел во Министерството за образование. Пред да започне со новото работно место завршил тримесечен курс.

Самата влада во четвртокот призна дека железничкиот сектор е „хронично болен“; пренесува „Јутарњи“.

Владата го призна „одложувањето“ на модернизацијата на железницата во Грција, каде граѓаните претпочитаат да патуваат со автобус, автомобил и брод.

– Секој кој раководеше со модернизацијата на мрежата мора да преземе одговорност – изјави експертот Константинос Хасиотис за АФП.

Весникот „Та неа“ пишува дека пред петнаесетина дена Европската комисија ја пријавила Грција до Европскиот суд на правдата (ЕСП) за неисполнување на обврските што произлегуваат од директивата за железничка инфраструктура.