Шефот на Рајанер најави зголемување на цените на билетите


Главниот извршен директор на Рајанер  (Ryanair), Мајкл О’Лири, рече дека проблемите со ограничувањето на бројот на достапни авиони значат дека европските авиокомпании ќе се борат да ја задоволат најголемата побарувачка за патувања.

Растот на патниците ќе биде помал од очекуваниот бидејќи испораките на нови авиони на Боинг се одложени, рече О’Лири.

Тој изјави дека летово билетите на Рајанер ќе поскапат и до 10% во однос на истиот период лани.

Првичната прогноза на Рајанер за годината до крајот на март 2025 година беше да превезе 205 милиони патници, во однос на 183,5 милиони во претходните 12 месеци.

О’Лири им рече на новинарите во седиштето на авиокомпанијата во Даблин: „Со помалку авиони, можеби ќе треба да ги намалиме тие 205 милиони на 200 милиони патници.

„Можеби прогнозата е под 200 милиони, само не знаеме во оваа фаза. Ова веројатно значи дека дури и нашиот раст оваа година ќе биде ограничен во Европа, и мислам дека тоа води до повисоки цени низ Европа за летото 2024 година“.

Тој продолжи: „Нашите просечни цени на авионските билети во летото 2023 година се зголемени за 17%. Вакво двоцифрено поскапување на билетите сметаме дека нема да видиме годинава. Ние ги правиме нашите буџети врз основа на зголемување на цените од 5-10%, што ми изгледа разумно. Може да биде повисоко од тоа, може да биде пониско од тоа, не можеме навистина да процениме во моментов. Да пораснеше капацитетот, мислам дека цените на билетите ќе паднеа“, изјави директорот на Рајанер.