Шефот на „Рајанер“ на прагот на еден од најголемите бонуси во историјата


Директорот на ирската нискобуџетна авиокомпанија „Рајанер“, Мајкл О’Лири се приближува до потенцијалниот бонус од 100 милиони евра, кој би бил меѓу најголемите во историјата на европската компанија, откако акциите на авиокомпанијата достигнаа рекордно високо ниво. Цената на акцијата на „Рајанер“ се искачи на 18,99 евра на крајот на минатата недела, со што О’Лири се приближи до прагот што може да предизвика огромна исплата.

Акциите во авиокомпанијата мораат или да достигнат 21 евро и да останат на тоа ниво 28 дена или компанијата мора да пријави годишна добивка по оданочување од 2,2 милијарди евра за О’Лири да го собере бонусот, кој е договорен во 2019 година. Доколку акциите го достигнат критично ниво, О’Лири би добил опции за акции, право да купува акции по намалена цена, наведува „Фајненшел тајмс“, кој прв информираше за можниот бонус.

О’Лири би можел да купи 10 милиони акции по 11,12 евра, што значи дека би можел да земе акции во вредност од 210 милиони евра за 111,2 милиони евра, со што веднаш ќе оствари профит од 98,8 милиони евра.