Шефот на протокол на МНР ниту награден, ниту унапреден, ниту разрешен

„До кога Османи ќе го жртвува угледот на дипломати за да се заштити себеси од одговорност? Каква е таа оставка од државен службеник? Такво нешто не постои. Дали измислил некаков механизам за депонирање оставки на државни службеници? Тој многу добро знае дека оставки може да поднесуваат само функционери, како што е впрочем тој, кои се избрани или назначени на определен временски мандат. Службеници никако. Лагата околу наводната оставка да биде уште побескрупулозна, споменатиот колега за една недела заминува на амбасадорска позиција во една голема земја, за каде што картите му се извадени уште пред инцидентот со знамињата“, се вели во денешното соопштение од Македонскиот дипломатски синдикат.
Тие додаваат дека се почесто се случува министерот Османи да излегува во јавност со невистините информации.
„Бујар Османи е единствен министер во светската дипломатска историја од кого неговите дипломати се имаат оградено, а подоцна и барале оставка. Како Синдикат се согласуваме дека оставка е потребна, но не некаква фингирана, од колеги кои не можат да дадат оставка. Оставка треба да даде господинот Османи, што побрзо, зашто во желбата да проектира поубава слика за себе, преку партизирање и централизирање на куќата на дипломатијата, сака да стави сѐ под своја контрола“, велат од Македонскиот дипломатски синдикат.
Оттаму најавуваат дека ќе продолжат да се борат за, како што велат, зачувување на дигнитетот на професијата и за остварување на економските, социјалните, здравствените и професионалните права на вработените во МНР.
Претходно денеска и ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение го обвини шефот на дипломатијата Османи дека „не ја кажува вистината“ кога соопшти дека директорот на протоколот во Министерството за надворешни работи поднел оставка поради „згрешеното знаме“ за време на посетата на словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон. Според партијата, вистината е дека тој е унапреден за амбасадор во Москва.
„Се поставува прашањето зошто Османи ја лаже јавноста? Неспособноста е длабоко вкоренета во институциите. Како човек кој не разликува знаме, може да преставува држава?“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„Кога имате интензивна агенда се прават грешки. Директорот на протоколот поднесе оставка, иако немаше никаква директна одговорност, која ја прифатив. Тоа се други луѓе, а поради морална одговорност поднесе оставка, а работеше една година“, изјави Османи синоќа за ТВ24.
Денес пак тој демантираше дека Колев наскоро заминува за Москва, но потврди дека амбасадорското столче му е доверено на почетокот на годината. Според него, се прават дополнителни политички проценки за испраќањето на амбасадор во Русија, но тоа никако не е поврзано со оставката која е од морални причини.На тврдењата на синдикатот, Османи возврати со контраобвинувања, дека тезите ги пласира само еден човек кој е против дипломатскиот кодекс, а не цела една организација.