Шефот на пратениците во ЕП од групацијата на Макрон во Скопје


Шефот на парламентарниот клуб на политичката групација Обнова на Европа во Европскиот парламент, Дачијан Чиолош, денеска во разговорите со високите раководители ја потврди европската перспектива на Македонија и нафгласи дека нашата земја е подготвена за почеток на прегови. Во либералната група Обнова на Европа е и партијата на францускиот претседател Емануел Макрон, а тој имаше посебна улога во поставувањето на Чиолош за лидер на парламентарниот клуб во ЕП. Заедно со Чиолош во Скопје допатува и Илхан Ќучук, известител за Македонија во Европскиот парламент, кој е дел од истата политичка групација. Ова беше трето доаѓање на Ќучук во Скопје за многу кратко време.

Иако никој отворено не споменува, доаѓањето на Чиолош е во непосредна корелација со извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија и можноста на самитот во март да бидат отворени преговорите за пристапување кон ЕУ.

Чиолош и Ќучук се сретнаа со претседателот Стево Пендаровски кој „го реафирмираше очекувањето на државата дека новата методологија за водење на пристапните преговори ќе биде усвоена во текот на март, со што би се отворила можноста за отворање на пристапните преговори за членство во текот на хрватското претседателство со Унијата“, стои во соопштението од средбата.

По средбата со премиерот Оливер Спасовски Чиолош на прес-конфренција соопшти дека Обнова на Европа го поддржува процесот на проширување на Европската унија и смета дека Македонија е подготвена да ги започне преговорите со ЕУ, затоа што ги исполни сите побарани критериуми.
Во одговорите на новинарските прашања Чиолош посебно ги нагласи како важни реформите во обезбедување владеење на правото, независно правосудство, транспарентна и позитивна изборна кампања, како и почитувањето на договорите со соседите, со што Република Северна Македонија ќе испрати порака дека ги почитува меѓународните договори, а со тоа и дека ќе биде добар партнер на државите во Европа.
Премиерот Спасовски нагласи дека Владата е подготвена да спроведе фер и демократски избори и повика на позитивна кампања од страна на политичките партии, бидејќи граѓаните не сакаат валкани кампањи туку позитивни пораки.

Чиолош и Ќучук се сретнаа и со претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Во соопштението од средбата издадено од СДСМ се вели дека Чиолош „му честиташе на Заев за храброста и лидерството во решавање на отворените прашања, ѝ честиташе на државата за постигнатите успеси на домашен и меѓу народен план и порача дека групата европратеници што тој ја предводи во Европскиот парламент ќе продолжи силно да се залага за брзо отворање на преговорите на Унијата со Република Северна Македонија и нејзина интеграција во Европската унија“. (Н.В.)