Шефот на државата отсега ќе може да помилува само осудени


Кренар Лога (Фото: Б. Грданоски)

 Министерството за правда организираше јавна расправа за  Предлог законот за помилување при што едно од клучните прашања за кое се дискутираше беше правото на претседателотна државата да помилува лица од казна и од кривично гонење.

 Имајќи ја предвид практиката од досегашната примена на законот и особено случаите поврзани со помилувањето од кривично гонење, работната група застана зад решението според кое претседателот може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица. Ова решение беше целосно поддржано и од работната група која работи на новиот Кривичен законик.

Значајна новина се и решенијата со кои е детално разработена постапката за помилување.  Предвидени  се кратки рокови за постапување за секоја од институциите кои се вклучени во постапката за помилување. Во тој контекст се и одредбите со кои се пропишува прекршочна одговорност на лицата кои постапуваат по предметите.

На законот кој беше предмет на денешнава јавна расправа се работеше подолг временски период. Беа разгледани повеќе компаративни искуства а најголем дел од решенијата се содржани во оние држави со кои имаме слични правни системи.

Расправата за помилувањето стана неопходна откако некои од обвинетите во судските случаи на СЈО се обратија до судот во Стразбур за да бараат да се испочитува одлуката на екс претседателот Ѓорге Иванов од 12 април, со која ги помилува и се обиде да спречи кривично гонење на 56 лица, меѓу кои сведоци, осомничени лица, но и лица кои воопшто не биле опфатени во ниту една кривична постапка.