Шефот на дипломатијата Османи во посета на Чешка


Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска ќе престојува во работна посета на Чешка, како дел од дипломатската турнеја низ земјите од поширокото соседство на Западниот Балкан, во чии рамки во наредните денови ќе ги посети и Романија, Унгарија и Австрија.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи, посетите на Османи на овие земји доаѓаат веднаш по одржаните состаноци и совети на Европската Унија со цел да ја реафирмира поддршката за европската перспектива на земјава.

– На агендата на разговорите ќе се најдат прашањата за билатералните односи, со посебен акцент на соработката на економски и трговски план, а ќе бидат разгледани и повеќе актуелни теми поврзани со соработката во рамките на НАТО и во меѓународните организации, најновите состојби во регионот, како и други актуелности од меѓународната политика, се наведува во соопштението на МНР.

Османи денеска во Прага ќе има средба со чешкиот министер за надворешни работи Томаш Петжичек, а ќе се сретне и со државниот секретар за ЕУ прашања во Канцеларијата на премиерот на Чешка, Андреј Бабиш, Милена Хрдинкова.

Шефот на дипломатијата утре заминува за Романија каде ќе разговара со неговиот колега и домаќин, министерот за надворешни работи Богдан Ауреску, а ќе оствари средба и со привремениот романски премиер Николае Чука.

В четврток Османи ќе ја посети Унгарија, каде ќе се сретне со неговиот домаќин, министерот за надворешни работи и трговија Петер Сијарто. За време на престојот во Будимпешта, Османи ќе има средби и со советниците за надворешна политика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Јанош Бала и Јанош Мате.

Османи на 21 декември ќе ја заокружи мини-турнејата со посета на Виена, каде ќе се сретне со австрискот колега Александар Шаленберг, а превидена е и средба со министерката за Европа во рамките на Кабинетот на канцеларот на Австрија, Каролине Едштадлер.