Шефот на дипломатијата на Казахстан во посета на Скопје
Министерот за надворешни работи на Казахстан, Мухтар Тлеуберди, денеска лично му кажа на неговиот домаќин Бујар Османи, дека неговата држава планира да отвори амбасада во Скопје наредната година, што ќе биде ново поглавје во односите меѓу двете земји.
Османи и Тлеуберди разговарале за унапредување на билатералните односи и на продлабочувањето на економските и трговските врски.
Османи ја поздрави успешната организација на македонско–казахстанскиот бизнис форум во Алмати, во септември оваа година и најави дека дека напролет идната година се планира одржување на бизнис форум во Скопје, во заедничка организација со Казахстан. Во наредните два дена во Скопје ќе се одржи првата седница на меѓувладината комисија за трговско–економска соработка.
Министрите разговараа и за можноста од воспоставување директна авиолинија меѓу Македонија и Казахстан, како и за последиците на руската инвазија врз Украина, енергетската криза и предизвикот со достапноста на храната.