Шефот на Антикорупциската комисија на Бугарија поднесе оставка

Антикорупциската комисија не ја заврши работата како што треба, нема сериозни случаи на висока корупција, изјави бугарскиот премиер Кирил Петков


Сотир Цацаров до 2019 беше главен обвинител

 

Сотир Цацаров, кој ја предводи комисијата за спречување судир на интереси и конфискација на незаконски стекнат имот на Бугарија, од 1 март ќе поднесе оставка. Тој ова го соопшти за весникот „24 часа“, на барање да ги коментира амандманите што ги подготви Министерството за правда, а се однесуваат на работата на комисијата.

Цацаров, кој е поранешен главен обвинител, изјави дека за најавените законски измени ќе се произнесел следната недела кога и официјално ќе ја поднел оставката. „Ќе барам да бидам разрешен од оваа функција од 1 март, додека не го поднесам годишниот извештај за работата на комисијата. Фактите и бројките во овој извештај ќе зборуваат погласно од празните политички декларации и обвинувања. Се разбира, јасно ќе ги наведам и причините за мојата оставка“, рече Цацаров.

„Продолжуваме со промената“ уште пред изборите објави дека комисијата на чело со Цацаров е „слаба и нефункционална“, а премиерот Кирил Петков побара оставка од поранешниот главен обвинител. Оставка од Цацаров долго време бара Демократска Бугарија, партија од владината коалиција.

На претседателот на Антикорупциската комисија Сотир Цацаров му е одземен пристапот до доверливи информации до ниво на „строго доверливо“, изјави денеска премиерот Кирил Петков за БТВ. За ова бил информиран од Државната агенција за национална безбедност.

„За мене, фактот што немаме навистина сериозни случаи на корупција на највисоките нивоа на власта покажува апсолутно јасно дека Антикорупциската комисија не ја заврши работата што сите бугарски граѓани се надеваа дека ќе биде завршена“, изјави Петков.

Идеите на властите за антикорупциската комисија вклучуваат нејзина поделба на два тела – едно што истражува судир на интереси и едно што се занимава со конфискација на незаконски стекнат имот.