Шефицата во Стејт департментот за Европа идната недела ќе биде во Македонија и регионот
Според најавите на Стејт департментот, Карен Донфрид во Скопје ќе изрази силна поддршка за преговорите на Македонија за пристапување во ЕУ и ќе се заблагодари на помошта за Украина
Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид ќе престојува во Западен Балкан од 25 до 29 април, соопшти Стејт департментот.
Посетата на регионот Донфрид ќе започне во Косово на 25 април, каде, како што е најавено, ќе му се заблагодари на Косово што им обезбеди засолниште на Авганистанците и Украинците и ќе ја поттикне работата на реформите за демократска консолидација и интеграција во европските и евроатлантските институции. Во Приштина таа ќе разговара за изгледите за унапредување на дијалогот со Србија.
Донфрид потоа ќе отпатува во Србија на 26 април за да ја повика Србија да ги засили реформите насочени кон европската интеграција и да промовира регионална стабилност и просперитет.
Американскиот претставник во Белград ќе разговара за можностите за енергетска диверзификација и билатералните безбедносни и економски врски. Во Белград таа ќе ја повтори потребата Србија и Косово повторно да се приклучат на дијалогот предводен од ЕУ.
Во Босна и Херцеговина на 27 април, Донфрид ќе ги охрабри официјалните лица да продолжат да ги вклучуваат институциите на сите нивоа на власта и да ја повика БиХ да постигне напредок во борбата против ендемската корупција.
На 28 април, со претставниците на Македонија, Донфрид ќе изрази силна поддршка за преговорите на земјата за пристапување во ЕУ и ќе ѝ се заблагодари на на помошта за Украина.
Американскиот дипломат ќе ја повика Македонија да продолжи блиската соработка за голем број регионални, безбедносни и одбранбени прашања со цел промовирање на демократијата и регионалната стабилност.
За време на посетата на Албанија на 28 април, Донфрид ќе одбележи 100 години од американско-албанските дипломатски односи и ќе и се заблагодари на Албанија за нејзината посветеност на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Донфрид на 29 април ќе отпатува за Црна Гора каде ќе ја нагласи поддршката од САД и потребата да се забрза работата на евроатлантскиот пат на Црна Гора и пристапувањето во ЕУ. Американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања ќе и се заблагодари на Црна Гора што се приклучи кон санкциите против Русија како поддршка за Украина.