Шарчевиќ: Нема да има кабинетска настава во Србија, учениците ќе носат маски и ќе има повеќе модели на образовниот систем

Србија– Српското Министерство за образование планира на училиштата да им понуди неколку модели за работа од 1 септември, а во зависост од нив, според нивните можности (кога станува збор за просториите и наставниот персонал) треба да одлучат кој од понудените модели ќе го применуваат, рече денеска на прес-конференција на српскиот владин кризен штаб, министерот за образование Младен Шарчевиќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Шарчевиќ изјави дека еден од моделите е часовите за учениците од 1 до 4-то одделение да се одвиваат во училиштата, сите со заштитни мерки, а одделенијата да се поделат до 15 ученици.

-Во 55 отсто ќе мора да ги поделиме оделенијата, по можност на помалку од 15 ученици, кои засебно ќе мора да имаат простор од 4 метри квадратни. Часовите ќе траат 30 минути, а учениците од прво до четврто одделение ќе имаат по четири часа дневно и по пет минути одмор помеѓу часовите, а по вториот час и одмор од 15 минути. По секој блок на часови, училниците мора да се дезинфицираат, според препораките подготвени од епидемиолозите, изјави тој.

Министерот Шарчевиќ најави дека постарите ученици од основните училишта ќе одат на училиште од 14 часот и дека училиштата тоа сами ќе го утврдат.

– Петтите, шестите и седмите одделение ќе имаат по пет часа во септември, а осмите одделение ќе имаат шест часа. Сепак, тој распоред ќе го модифицираме врз основа на примените неделни извештаи, така што ќе бидат направени дополнителни модели. Ќе одиме на комбиниран модел – еден ден да се оди на училиште, следниот ден наставата да се следи преку Интернет, кажа Шарчевиќ.

Ако родителите имаат одредени стравувања своите деца да ги пуштат да одат на училиште, ако имале некој кој бил сериозно болен или починал, нема да постои проблем родителот ако одлучи детето наставата да ја следи целосно преку Интернет.

-Нема да има кабинетска настава и нема да има „прошетки“ по училиштето од училница до училница. Ќе гледаме одредени предмети да не се изведуваат како досега, физичко и здравственото воспитување – ќе се зборува повеќе за самата епидемија, хорските проби нема да бидат можни без маска и слично, кажа тој.

За средните училишта може да се применат неколку модели, а основниот модел е да работат неделно и тие самите да ги распределат во групи учениците во зависност од програмата, дали станува збор за гимназзи или за стручни училишта.

Шарчевиќ кажа дека часовите преку Интернет т.е онлајн настава од петто до осмо одделение ќе биде претпладне, а за средните училишта попладне, како и дека сите содржини ќе бидат достапни на RTS Planetа, а ќе им биде достапен и скратен час кој родителите со децата ќе можат да го премотаат и да го погледнат.

Тој посочи дека одлуката за факултетите ќе биде донесена следната недела.

Членот на кризниот штаб, Д-р Предраг Кон изјави дека пред да одат на училиште, родителите треба да ја измерат температурата на детето, и да не ги испраќаат деца со симптоми на училиштата.

-Кога детето ќе дојде на училиште, тој веднаш мора да стави маска и ние препорачуваме постојано да ја носи, но додека се слуша наставата на часот тоа нема да биде задолжително. Сметаме дека е најпаметно да се носи маска цело време, но дека може да ја остави маската додека е во својата клупа, кажа Кон.