Шар Планина прогласена за Национален парк, Осогово е заштитено подрачје


Шар Планина и Осоговските Планини се додаваат на листата заштитени подрачја, објави на денешната прес конференција министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.

Како што кажа тој, Шар Планина се прогласува за Национален парк, додека Осогово е прогласено за заштитено подрачје од категорија- Б.

Иницијативите на Министерството биле усвоени на вчерашната владина седница.

Со ова, додаде Нуредини Шар Планина ќе стане еден од најголемите национални паркови во Европа, а ставањето под државна заштита е во правец на исполнување на ЕУ директивите и придонес за развој на еко туризмот и традиционалниот начин на земјоделство.

„Голема корист ќе имаат општините и локалното население на заштитените подрачја. Шар Планина ќе стане еден од најголемите национални паркови во Европа. Прогласувањето значи одржливо користење на природните богатства. Ќе имаме јавни дебати за заштитените подрачја. Да ја сочуваме природата. Ова не е поврзано со изборите“, соопшти Нуредини.

На новинарско прашање дека е уништена инфраструктурата во НП „Шар Планина“, Нуредини рече дека за ова ќе се дебатира со јавноста и со властите.

– Во оваа фаза ќе разговараме со локалните власти да ја развиеме инфраструктурата, да ги подигнеме стандардите што ги заслужува еден национален парк. Во исто време ова ќе овозможи и локални и странски инвестиции, доколку ги спремаме европските стандарди што ги заслужува еден национален парк каде што ќе имаме и летен туризам, но и зимски туризам, рече Нуредини.