Шар Планина и Осоговските Планини станаа заштитени подрачја

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека на денешната седница на Владата на РСМ беа усвоени иницијативите за заштита на две подрачја во нашата држава: Шар Планина и Осоговските Планини.

Владата донесе одлуки за прифатливост на предлозите на МЖСПП за прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата Национален парк и прогласување на Осоговските планини за заштитено подрачје во категоријата V – Заштитен предел.

Согласно законската процедура за прогласување на заштитени подрачја, во претстојниот период ќе бидат спроведени јавни расправи по предлозите со локалното население, како и сите засегнати страни, и по усогласувањето на мислењата и забелешките, ќе бидат изготвени конечни предлози за прогласување на овие локации.

„Прогласувањето на овие две подрачја што содржат високо ниво на биолошки и културни вредности за заштитени зони, покрај тоа што значи исполнување на националните и меѓународните обврски за заштита на пределската разновидност и биодиверзитет, исто така значи и искористување на огромниот потенцијал за развој на локалната економија, односно одржливо управување со природните ресурси, преку обезбедување еко-системски услуги и екотуризам“, рече министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.