Шансите за членство во НАТО во декември само теоретски


Педро Санчез

Шансите Македонија да стане членка на НАТО на самитот во декември од вчера се сведени речиси на нула, односно се само теоретски, откако во Шпанија пропадна и последниот обид на вршителот на должноста премиер, Педро Санчез, да формира влада. Ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО не е помината во Италија, Велика Британија, САД, Шпанија и Исланд, во Холандија процедурата заврши во Долниот дом, а треба да помине уште во Сенатот. Во САД ратификацијата помина во Комитетот за надворешни односи, уште треба да биде усвоена од целиот состав на Сенатот. Што значи дека горе-долу работата таму е завршена. Целосна мистерија е што се случува со ратификацијата во Исланд, а според некои информации, процесот таму не е ни започнат.

Ратификацијата на Протоколот е завршена во националните парламенти на 21 од вкупно 29 земји членки на НАТО. За комплетирање на ратификацијата се смета откако во Стејт департментот ќе бидат депонирани инструментите за ратификација. Стејт департментот е депозитар на Вашингтонскиот договор.

Ако се исклучи неизвесноста околу „Брегзит“ во Британија (и таму процедурата досега е стигната на половина пат), Шпанија останува главната пречка за амбициозниот план не само на нашата влада туку и на функционерите на НАТО за членство во декември. Работите во Шпанија се искомплицираа оваа пролет кога поради буџетот ненадејна падна малцинската влада на социјалистот Педро Санчез, а вонредните избори на 28 април не успеаја да ја разрешат компликуваната политичка ситуација. На овие избори социјалистите освоија 123 места во 350-члениот парламент, но во неколкуте обиди Санчез не успеа да се договори со претпоставените природни сојузници, крајните левичари од Подемос, за поддршка во парламентот или коалициска влада.

На почетокот од неделава кралот Фелипе Шести одржа дводневни консултации со лидерите на сите парламентарни партии за можен излез од кризата за најпосле да соопшти дека во оваа ситуација не може да предложи кандидат за премиер. Тоа беше очекувана одлука по острата реторика меѓу партиите последниве недели.

На Санчез му останува уште еден обид во парламентот, в понеделник на 23 септември, да помине неговата кандидатура за премиер, но како што изјави вчера неговата партија, тој нема ни да ја искористи таа можност. Шпанија веќе се подготвува за нови избори на 10 ноември, четврти за последниве четири години.

Тоа ги искомпликува до крајна граница македонските планови, затоа што според анкетите социјалистите повторно ќе победат на новите избори, дури и со поголем процент, но пак нема да можат да стигнат до мнозинство. И повторно политички преговори за малцинска или коалициска влада. Така, според познавачите на шпанските политички состојби, ратификацијата може да се растегне до април или мај, ако не и подолго.

Не е познато дали шпанскиот парламент би можел во некаква процедура да расправа за Протоколот во ова време до 10 ноември, кога тоа не го стори од 28 април досега. (Љ.П.)