Изгорената шалтер сала на Пошта нема да се реконструира, барем засега


Фото: Б. Грданоски

 

Шалтер салата на главна Пошта, во центарот на Скопје, која изгоре во пожар пред повеќе од 11 години, ќе остане необновена, затоа што Министерството за култура не се договорило со претпијатието.

„Во однос на реконструкцијата за шалтер-салата, за жал не. Мене ми беше тоа многу голема желба, затоа што имавме и проект имавме и обезбедени средства, меѓутоа тие одлучија дека, како за Универзална, тие се сентиментално врзани за тој дел од ‘Пошта’ и за нив тоа ќе значеше губење на еден дел од нив. И не успеавме да изнајдеме начин за да може на тој начин да се реконструира. Се надевам дека по завршувањето на изборите повторно ЕУ Делегација ќе разговара со нив, макар да биде повторно во нивно владение, меѓутоа ќе мора да го поминеме, во најмала рака, овој процес (како за Универзална). Правото на реконструкција делумно да се префрли во Градски конзерваторски и да можат да ја реконструираа, па после за намената нека се договорат тие меѓусебно“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска на прес-конференција прашана за состојбата на салата на Пошта, за која пред подолго време заедно со Делегацијата на ЕУ во Скопје најавија реконструкција.

Лани во декември, Владата донесе одлука дека треба претставници од Пошта, од Министерството за култура, од Управата за заштита на културното наследство, градски конзерваторски центар кои го имаат изработено идејното решение за реконструкција на шалтер салата и Катастар да седнат на маса и да донесат одлука за реконструкцијата. 

Се работи за едно од седумте заштитени културни добра во Европа кое што спаѓа во категоријата на најзагрозени. Министерката тогаш потенцираше дека токму поради тоа што шалтер-салата е откриена уште од настанувањето на пожарот во 2013 година, процесот на реконструкција е забрзан.

Во ноември лани  вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изјави дека реконструкцијата на зградата на „Македонска пошта“ ќе биде со европски фондови, по апелот на евроамбасадорот Дејвид Гир да не се дозволи да пропадне зградата.

Во 2021 година опожарениот објект на „Поштата“ се најде на листата изработена според  Програмата 7-те најзагрозени оспоменици и локалитети со наследство во Европа водена од Eвропа Ностра во партнерство со Институт на ЕИБ.

Номинаторот на зградата се залагаше за редизајн на објектот како центар за културни и општествени активности со фокус на националната и интернационална публика, кои ќе го продлабочат разбирањето, знаењето и свесноста за културното наследство како клучен извор за одржлив развој на заедницата.