Шаќири: Располагаме со 720 образовни асистенти, доколку има потреба бројката ќе се зголеми


Располагаме со 720 образовани асистенти и доколку има потреба ќе биде ангажиран дополнителен кадар за што ќе биде поднесено барање до Министерството за финансии, изјави денеска министерот за образование Јетон Шаќири.

По доделувањето грантови во рамки на Проектот на ОБСЕ „Градиме нови мостови“, на новинарско прашање дали МОН располага со доволно образовни асистенти бидејќи, наводно немало да има запишување првачиња во училиштето „Златан Сремец“ и децата со типичен и атипичен развој ќе учат заедно, Шаќири посочи дека нема информации за посоченото училиште, како и дека во моментов преку електронската апликација во тек е запишување за ученици во основните училишта, а наскоро ќе започне и во средните. 

-Во претходната година имавме 500, а оваа година имаме 720 образовни асистенти. Се надевам дека во наредниот период, бројката, според податоците што ќе ги добиеме од ресурните центри, ќе знаеме и која ќе биде новата бројка, рече Шаќири.

Во однос на тоа дали на сајтот „Пријави насилство“ има нови пријави, тој рече дека последната бројка била 20 пријави, но оти таа постојано се менува и дeка расте.

-И во таа бројка имаме ситуации каде, освен што имаме информации каде е постапено, важно за мене е дека од сите тие 20 пријави, стручниот кадар во сите тие училишта се повикани во Министерството, собрани се информации и таму каде што е потврдена информацијата од пријавата се преземени мерки, при тоа ако имаше потреба известени се институциите – центрите за социјални работи, МВР или педагозите и психолозите доколку немале постапено. Со привршување на учебната година има помалку пријави, но ги повикувам сите училишта доколку имаат вакви ситуации и во текот на одморот да ги пријават, вели министерот за образование.

За тоа колку од овие пријави се за непостапување од страна на стручниот кадар по однос на случаи на насилство, тој рече дека станува збор за еден-два случаи.

-Со доставување на меиловите, ние ги проверуваме тие информации. Некогаш имаме анонимни пријави кои се доставуваат кај нас. За нив институциите поднесуваат извештај каде што е постапено, има и ситуации каде по повик од страна на службите до родители, родителите не одговараат на повиците. Затоа од сите ситуации имаме констатации дека учениците се повикани. Не се многу случаите каде педагошките служби немаат постапено, тоа се еден или два случаи, но најважно е дека треба да бидеме одговорни сите што сме вклучени во овој процес, и (кај случаите на насилство меѓу ученици) родителите од двете страни да се вклучуваат и да не ги обвинуваат институциите, посочува министерот за образование Шаќири.