Шаќири: Од февруари ќе може да се полага за директори во училишта


Фото: Б. Богдановска

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири очекува во текот на наредниот месец да продолжат сите постапки во Државниот испитен центар и тие да бидат поквалитетни од претходните.

– Во редовна комуникација сум со новата директорка на Испитниот центар која изврши проверка на сите документи кои беа од претходниот оглас, а имаше и датум за испити кој беше одложен од претходната директорка. Очекувам во текот на наредниот месец да продолжат сите постапки во Испитниот центар и да бидат поквалитетни од претходните, рече Шаќири во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Универзитетот Гоце Делчев во Штип.

Тој потврди дека во Службен весник веќе е објавена одлуката учебната година да заврши на 14 јуни и додаде дека е добро прифатена од сите основни и средни училишта.

Во изминатиот период професорите се жалеа дека не можат да полагаат менаџерски испити во Државниот испитен центар за да станат директори, а не можеше да се полагаат ниту приправнички испити.