Шаќири не чувствува одговорност што шестооделенците ќе добијат книги на крај на септември

Учебниците за трето одделение се одобрени и во тек е постапка за нивно печатење и доставување - шестоодделенците ќе почекаат


Јетон Шаќири - министер за образование (Фото: Б. Богдановска)

Третооделенците за неколку дена од почетокот на учебната година, треба да ги добијат учебниците кои се во печатење, а шестооделенците ќе почекаат до крајот на септември, но министерот за образование Јетон Шаќири не чувствува одговорност за тоа.

– Јас како министер целата постапка ја имав завршено на крајот на јули. Не учествувам како министер, или како директор на училиште, во ниту една постапка во Националната комисија, во педагошката служба, во мислењата на рецензентите, во мислењата на другите. Не можам да имам одговорност во постапките кои не зависат од министерот – рече Шаќири на прес-конференција.

Појасни дека учебниците за трето одделение се одобрени, а во тек е постапка за печатење и доставување на учебниците во трето одделение.

– Истото тоа ќе се случи и за учебниците во шесто одделение зошто се во напредна фаза на одобрување од Националната комисија, а после тоа имаме жалбена постапка. Затоа јас кажувам дека до крајот на септември ќе бидат доставени до сите ученици. Третооделенците ќе ги добијат учебниците, денеска, утре, следните денови. Тие се завршени, затоа што немаме постапки за одобрување, тие се во постапка на печатење – вели Шаќири.

Во однос на предметите кои се спојуваат, не учебниците,  во шесто одделение и од старата програма и од претходните учебни години, предметот природни науки беше спојуван и се учеше како природни науки.

– Дискусијата се отвори со новата концепција по предметот општествени науки каде имаме спојување на предметите историја, географија, граѓанско образование. Се однесува само за една учебна година, само за шесто одделение, само за реализација на тоа во овој дел на учебната година. Бирото изготви, според нашите насоки и протестите, јас побарав да се изготви техничко решение. Фондот, годишен фонд на часови на наставниците по географија, заради тоа што во годишниот фонд не влегуваат само шестоодделенците, туку и седмо, осмо, деветто одделение. И другите години кадешто има предмет географија, е ист со претходните години, што значи дека нема да има проблем со фонд на часови – рече Шаќири.

Во однос на изборните предмети, со кои најчесто се надополнува фондот на часови, па учениците немаат можност сами да биртаат предмет, туку им се наметнуваат според афинитетите на  наставникот кој треба да надополни фонд на часови, Шаќири  ги повика претставниците на опозицијата и другите политички фактори да достават предлог како да се реши проблемот, кој е поголем во седмо, осмо и деветто одделение.

– Во делот на распределбата на часовите, некои училишта го имаат завршено, некои се во дискусија, и за наставниците по географија и по другите предмети ги повикувам и нив и родителите да ги разгледаат кои се учебните програми за изборните предмети. Да не постапуваат директорите според изборните предмети, туку да одлучуваат децата и родителите да ги достават предлозите како да се одлучува за тие предмети.  Дискусијата е дали да се вратиме на старата концепција по Кембриџ или да продолжиме по новата концепција, од технички аспект – додава Шаќири.