Шаќири: МОН ќе инвестира во четири гостиварски училишта околу 40 милиони денари


Во рамки на втората фаза од кампањата за промоција на средното стручно образование „Учи паметно, работи стручно“, министерот за образование и наука Јетон Шаќири оствари посета на неколку образовни институции во Гостивар. Министерот беше гостин на Средното медицинско училиште во Гостивар, каде одблизу ги виде презентациите на учениците и наставниот кадар, а во ОУ „Гоце Делчев“ се сретна со раководството на училиштето.

Шаќири во изјавата напомена дека МОН ќе инвестира околу 40 милиони денари годинава за реконструкција на четири основни училишта во општина Гостивар.

– ОУ „Гоце Делчев“ ќе добие нова енергетски ефикасна фасада, за што градежните активности започнаа кон крајот на јануари годинава, додека од февруари во „Фаик Коница“ во Дебреше започната е реконструкција на санитарни јазли и внатрешни ѕидови. И во двете училишта активностите ќе завршат во текот на месец август, рече Шаќири.

Тој најави дека во планот за јавни набавки за годинава предвидена е и реконструкција на ОУ „Исмаил Ќемали“, како и замена на покривот и целосна обнова на кабинетите и работилниците во ОСТУ „Гостивар“ и, како што рече, ќе продолжи да биде на инвестициската агенда на МОН и во иднина.

Шаќири истакна дека со овие инвестиции голем дел од учениците од оваа Општина добиваат подобри услови за едукација, а очекува и локалната самоуправа да даде свој придонес и така со заеднички напори да им се овозможат на младите услови за образование какви што и заслужуваат.

– За нас, сите општини се еднакви и исти, живеат граѓани на Северна Македонија и тие имаат право на подеднаква грижа од страна на институциите на системот“, рече Шаќири за време на посетата на основното училиште „Гоце Делчев“.

Тој потсети и на завршените работи во основното училиште „Перпарими“ каде годинава завршила реконструкцијата на кровот и санитариите, во гимназијата е направена санација на санитарните јазли, а во Дебреше минатата година беше завршена нова спортска сала.