Шаќири: Една од стратешките цели на МОН е поддршката на квалитетно и инклузивно високо образование и на студентскиот стандард


На почетокот на новата академска година сакам да им честитам на младите кои одлучиле својот животен пат да го продолжат со стекнување нови знаења и вештини, за да го извлечат најдоброто од себе, да продолжат да растат интелектуално и да си отворат повеќе можности за иднина. Пред вас е нова, возбудлива етапа исполнета со предавања и вежби, соработка со професорите и со колегите, задлабочување во професиите што сте ги одбрале, но и време на дружење. Ќе растете со секој нов предизвик. Вие сте генерации кои се свесни за своите вредности, но и за очекувањата за нивно реализирање.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој денеска на првиот ден од академската 2022-2023 година ги посети битолскиот државен универзитет „Св. Климент Охридски“ и Меѓународниот универзитет во Струга.

Посакувајќи им успех на студентите, Шаќири рече дека во текот на образовната надградба тие континуирано ќе ја имаат поддршката од државата.

– Една од стратешките цели на Министерството за образование и наука е поддршката на квалитетно и инклузивно високо образование и на студентскиот стандард. Наскоро ќе објавиме конкурс за повеќе категории на студентски стипендии со цел да ги пресретнеме потребите на што повеќе млади и тие да добијат зголемени месечни износи. И во изразено кризни услови, вие младите треба да ја чувствувате поддршката од државата за да го продолжите образовниот процес, потенцираше министерот, додавајќи дека во постапка се и измени на Законот за субвенциониран студентски оброк, што како право студентите го добија прв пат минатата година, а ќе продолжи и оваа година.

Посочи дека Министерството и Владата се отворени да го слушнат и гласот и предлозите од студентите преку универзитетските собранија.

– Очекуваме да дадете поддршка во креирањето политики за прашањата кои ве засегаат. Ве повикувам активно да се вклучите во сите форми на студентско организирање, затоа што универитетите се најдоброто место за градење на активни граѓани, подготвени за вклучување во општествено-политичкиот живот на државата, рече Шаќири.

Тој додаде дека меѓу младите гледа многу идни магистри и доктори на науки, во сите области и дека сите тие се иднината на оваа држава.

– Научете сé што знаат вашите професори и надминете ги, бидејќи на оваа држава и требаат млади, образувани и способни граѓани, кои ќе исцртаат подобра иднина за сите нас, нагласи министерот, кој воедно им посака успешна работа и на професорите и сите вработени во високообразовние установи, за кои, како што рече, државата ќе се заложи постојано да имаат подобри услови за работа и достоинствени плати кои ќе се зголемуваат во континуитет.

Во своето обраќање на церемонијата на дипломирање на 14-та генерација на студентите од МУС, министерот Шаќири им честиташе на студентите за направениот избор, потенцирајќи дека овој универзитет прераснува во една од најпрепознатливите високообразовни установи во државата и токму поради квалитетот на наставата, привлекува сé повеќе млади, опремувајќи ги со знаења и вештини кои ги прават конкурентни на пазарот на трудот.