Шаќири: Да не се користи државната матура за остварување на целите на вработените во ДИЦ


Откако вработените во Државниот испитен центар најавија еднонеделен штрајк, поради неусогласените плати, со што се доведува во прашање и одржувањето ан државната матура, министерот за образование Јетон Шаќири повика да не се прави тоа врз грбот на средношколците.

– На сите вработени кои се вклучени во јавната администрација, на сите ресори вклучени во Владата, им порачувам дека се зборува за општиот колективен договор каде се вклучени сите синдикати. Значи тие вработени кои припаѓаат на УПОЗ јас ги повикувам, затоа што имаме законски обврски, па кога се работи за државна матура, не можат да го искористат моментот на државна матура за да ги постигнат совите цели – рече Шаќири, одговарајќи ан прашање по тркалезната маса на тема „Антикорупциско образование – пристапи и предизвици“.

Според него, целта на владата и на општиот колективен договор е подобри услови, но „не сакам во таа институција некој да добива на грбот на овие средношколци кои треба да полагаат државна матура„.

– Мојата порака до сите нив е заедно со директорката да комуницираат со другите институции да очекуваат кога ќе се реши општиот колективен договор. Може да се решат проблемие, а да не се донесе во прашање одржувањето на државната матура – порача Шаќири.

Инаку Државниот испитен центар почна штрајк, поради недобивање на согласност на Барањето за изменување и дополнување на колективниот договор од страна на Министерството за финансии, a со цел заштита на економските и социјални права на своите членови.

Сите процеси кои се во надлежност на Државниот испитен центар (Државна матура, државно тестирање, обука и испит за директори, приправнички испити, меѓународно тестирање ТИМС итн.) ќе бидат запрени до добивање на согласност од Министерството за финансии.

 
Сите 29 вработени се членови на синдикатот и состојбата на штрајк која би траела подолго од една недела би значела невозможност да се спроведе државната матура.

Во овој момент, 11 од вкупно 29 вработени на различни позиции се изедначени и имаат минимална плата од 20.000 денари, наведуваат од Синдикалната организација на Државниот испитен центар.

 

– Нашите плати се заборавени за покачување на два пати веќе. Се зголемија само на оние со најниски плати, односно минималците. Веќе дојдовме во некоја ситуација на изедначување на платите на 11 лица од 29, односно од службата за обезбедување, до нешто под советник се речиси изедначени, односно на минималец. Советничката плата е 26 илјади, а ние сме стожерот на еден куп процеси кои се случуваат во образование како (Државна матура, државно тестирање, обука и испит за директори, приправнички испити, меѓународно тестирање ТИМС итн.). Обемот на работа е зголемен, а дојдовме во ситуација вработените да преживеат со оглед на поскапувањата – вели Емилија Бошковска, претседател на Синдикалната организација на вработените во ДИЦ.

Таа вели дека се обратиле до Министерството за финансии, затоа што тие добиваат плата со поединечен колективен договор меѓу работодавачот и вработените, во кој треба да влезе минималната плата, но одговор немаат.

Велат дека штрајкот ќе продолжи, ако не се услишат нивните барања, а сите процеси ќе прекинат.