Шахпаска: Наша задача и заложба е обезбедување подобри услови за живот за сите, особено за ранливите категории


Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска се сретна со претставници на Здружението на лица со посебни потреби  „СОС  ВИТА“, од Скопје со кои разговараа за постоечките решенија и подршка на лицата со попреченост во нашето општество, но и унапредување на нивните права и услови со цел поголема вклученост во општественото живеење, соопшти МТСП.

-Како дел од владината програма, а во насока на унапредување на правата на лицата со попреченост и овозможување нивно подобро функционирање е и зголемувањето на додатокот за лицата со попреченост за 15 отсто, но и овозможување нивен пристап до сите институции до крајот на мандатот до 2024 година, истакнала министерката Шахпаска.

Таа информирала за последните измени со  Законот за социјална заштита, дека покрај паричните права, се оди чекор понатаму, со давање социјални услуги на лицата со попреченост во нивниот дом, во нивната заедница, за што во тек е склучување на договори со 24 општини, како даватели на услуги.

Наша задача и заложба е обезбедување подобри услови за живот на секој граѓанин, а тоа го правиме преку обезбедување помош и поддршка на оние на кои им е потребна и тогаш кога нив им е потребна, рекла министерката Шахпаска.

На средбата се разговарало и за социјалната реформа, која, како што посочила министерката, придонела за унапредување на  правата на лицата со попречености, но и на семејствата коишто се грижат за нив односно траен надоместок за родител  кој се грижел за детето со попреченост до неговата 26-годишна возраст без да го смести во институција, за родители  коишто се невработени  и не користат право на пензија.

-При тоа, користењето право за попреченост, со новиот Закон, се прошири со опфат лицата со интелектуална попреченост, а додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголеми до 50 отсто од просечната нето плата, се вели во соопштението од МТСП.

Министерката посочила дека се работи и на ново законско решение кое ќе овозможи полесно вклучување на лицата со попреченост на пазарот на труд, преку проценка на неговата попреченост. Сите активности што ги презема Министерството во оваа насока, како што истакнала Шахпаска, се со цел натамошно унапредување и заштита на правата на лицата со попреченост, со цел нивно поуспешно интегрирање во општеството.