Шахпаска: Направивме големи исчекори во родовата еднаквост


Граѓаните да излезат на 15 јули, почитувајќи ги сите протоколи и го дадат својот глас затоа што можеме уште повеќе и уште подобро. На 15 јули да ја славиме победата на коалицијата „Можеме!“. Ова вечерва го порача носителката од ИЕ 3 Јагода Шахпаска на граѓанската трибина во Велес.

Таа се осврна на сѐ она што се залагала како пратеник во Собранието во изминатите години – родовата еднаквост, социјалната реформа и реформата во пензискиот систем. „Тоа се три области во кои ние како социјалдемократи направивме историски скок“, посочи Шахпаска пред велешани.

„Нов закон за мобинг и санкции за  извршителите на истиот, ослободување на жените од стереотипни обврски во семејството и нејзино изедначување во правата и можностите како и мажите, се дел од она кое го нуди Социјалдемократскиот сојуз на Македонија за следниот мандат“, рече Шахпаска.

Таа најави дека во следниот период ќе се зголеми опфатот на деца во градинките за 7.500 деца, ќе се реновираат 43 градинки, ќе има вработување на нови негувателки и воспитувачки. Информира дека ќе продолжи грижата за лицата со попреченост, а до  2021 за 21 отсто ќе се зголеми додатокот за лицата со попреченост.