Шахпаска на Министерски состанок на ЕУ во Брдо кај Крањ: Први во регионот развивме Младинска гаранција


Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска учествуваше на Вториот министерски состанок за вработување и социјални прашања, на кој присуствуваа и министрите од земјите членки на Европската унија и од земјите од Западен Балкан, кој се одржа во Брдо кај Крањ, Словенија.

На состанокот, на кој се дискутирало за младинските политики и за обезбедување на одржлива интеграција на младите лица на пазарот на трудот, присуствувал и еврокомесарот за работни места и социјални права Николас Шмит, кој најавил силна поддршка за имплементирање на Младинската гаранција во сите земји од Западен Балкан.

Министерот за труд, семејство, социјални работи и еднакви можности на Република Словенија Јанез Циглер Краљ, во своето обраќање оцени дека младите се погодени од кризата и затоа е од исклучително значење да се обезбеди поддршка и за младите од земјите членки на ЕУ, но и за младите во земјите на Западен Балкан.

Како што информираат од Министерството за труд и социјална политика на состанокот било нагласено дека Република Северна Македонија, како прва и единствена земја од регионот на Западен Балкан, во 2018 година преземала „пионерски“ чекори во оваа насока, пилотирајќи ја Младинската гаранција, целосно заснована на моделот на ЕУ, по што од наредната 2019 година таа иницијатива се имплементирала низ територијата на целата држава.

-Во досегашната имплементација, на програмата Младинска гаранција во Република Северна Македонија, учество земаа околу 60.000 млади лица. Би сакала да истакнам дека од 2019 година, статистичките податоци поврзани со пазарот на трудот, покажуваат значајни и крупни подобрувања во однос на младите лица. Стапката на вработеност на младите се зголеми за 3,5 процентин поени во споредба со 2018 година. Стапката на младинска невработеност се намали од 37 на 30,5 проценти, а стапката на NEETs (млади кои не се вработени, ниту се во вклучени во образование или обука) исто така бележи значително намалување за 5,3 процентни поени, од 29 на 24,5 проценти, истакнала министерката Шахпаска.

Нагласила дека предизвиците поврзани со младите лица, нивното вработување, активација, учеството и одржливата интеграција на пазарот на трудот, се заеднички за сите земји од регионот, но и за Унијата и предизвици кои според неа станаа уште поизразени во изминатиот период кога светот беше погодени од здравствената и економска криза предизвикана од пандемијата на COVID-19.

-Младите лица се една од категориите кои беа навистина силно погодени од кризата, посочила министерката Шахпаска.

На состанокот министрите од шесте земји од Западен Балкан прифатиле Декларација за обезбедување на одржлива интеграција на младите лица на пазарот на труд, со која недвосмислено се истакнала потребата да се продолжи со дизајнирање и имплементација на реформи и ефикасни политики за младинско вработување, преку пристап кој ќе се заснова на широко партнерство помеѓу сите институции и останати засегнати страни.

-Со Декларацијата министрите прифатија сите земји од регионот да отпочнат со подготовки и имплементација на Гаранцијата за млади, по примерот и моделот развиен во Европската унија и да ја стават оваа иницијатива високо на своите политички агенди, обезбедувајќи ги потребните човечки и финансиски ресурси за таа цел, стои во соопштението од Министерството.

Министерскиот состанок е во рамките на словенечкото претседателство со Советот на Европската унија, кое започна на почетокот на овој месец.