Шахпаска ќе се залага за градење на праведна и социјална држава


Во Министерството за труд и социјална политика денеска беше извршено примопредавање на функцијата министер за труд и социјална политика. Новата министерка Јагода Шахпаска ја презеде функцијата од заменик министерот Ѓонул Бајрактар, кој ја вршеше оваа должност, поради испразнетото министерско место.

Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека министерката Шахпаска како членка на собраниската Комисија за труд и социјална политика во претходниот пратенички мандат и како поранешна пратеничка која активно била вклучена во социјалната реформа, но и во повеќето процеси во надлежност на овој ресор, истакнала дека е свесна за предизвиците што го очекуваат ова Министерство.

– Чест и задоволство, но и огромен предизвик ми претставува да го предводам секторот за кој гласно се борев и се залагав и од собраниската говорница, но и во Комисијата за труд и социјална политика. Реализацијата на социјалните политики кои се насочени кон вистинска грижа за сите граѓани, а особено кон најранливата категорија на граѓани е од огромно општествено значење за нашата држава. Инвестирањето во луѓето, во подобриот стандард, во повисоки плати и пензии, во социјална заштита која овозможува излез од кругот на сиромаштијата се приоритетите за мене и за Министерството во наредниот период, нагласила Шахпаска.

Најавила дека ќе се залага за реализација на политики засновани врз принципите на градење на праведна и социјална држава, за подобар животен стандард, вреднување на трудот на работникот и заштита на неговите права и борба против сиромаштијата и невработеноста.

Веднаш по примопредавањето на функцијата, министерката Шахпаска имаше состанок со раководниот тим на Министерството составен од државните советници и раководители на сектори. На состанокот таа се информираше за тековните проекти на кои работи Министерството, за предвидената динамика за нивна реализација и за евентуалните пречки со кои се соочуваат.

Од вработените во Министерството очекува тимска работа и целосна посветеност во реализацијата на сите проекти предвидени во Програмата на Владата за наредниот четиригодишен мандат.

– Наша задача и обврска е да им служиме на граѓаните и да работиме за нивно добро, рекла Шахпаска, оценувајќи дека во претходниот мандат, Владата и Министерството за труд и социјална политика покажале дека може да се промени начинот на кој државата се грижи за граѓаните и дека тој концепт ќе продолжи со уште позасилена динамика.