Шахпаска: Ќе се разгледаат приговорите и 6.000 денари ќе стигнат до сите на кои им следуваат


Средствата ќе им бидат исплатени на граѓаните согласно законското решение. Ние од тоа не се откажуваме, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска за исплатата на 6.000 денари од четвртиот пакет финансиска поддршка од Владата која, меѓу други категории граѓани, им следува и на самохрани родители.

На новинарско прашање како и кога ќе се разгледаат околу 70 илјади приговори ако е рокот поминат, таа одговори дека поминале роковите за приговори доколку некој не влегол во системот на четвртиот пакет на финансиска помош, комисија сега ги разгледува жалбите и во следниот период ќе биде донесен заклучок кои ќе бидат прифатени.

-Законскиот рок за разгледување на приговорите според информациите од Генералниот секретаријат е во период од 10 дена. Значи, доколку ние го даваме тој рок од 10 дена за да може да се усвојат дел од приговорите, секако дека Владата ќе изнајде начин за овие средства да бидат трансферирани на сметките на граѓаните, рече Шахпаска, но не прецизираше како ќе бидат опфатени приговорите по рокот.

Законот се менува во Собрание, меѓутоа согласно жалбениот период и периодот на приговори, рече, секако дека постои начин и алатка како тоа ќе се премости.

За исплата на 6.000 денари за самохраните родители барањата се поднесувале, рече, преку центрите за социјална работа, а МТСП  понатаму нив ги процесира до Генералниот секретаријат на Владата каде што треба да тече исплатата.

Во однос на законската одредба недела  да биде неработен ден, министерката одговори  дека се завршени консултациите за ова прашање за кое се дискутира месец и пол и очекува на почетокот на идниот месец измените на Законот за работни односи да бидат во собраниска процедура. Постојат дилеми во одредени области, рече, и затоа им било потребна темелна анализа за да ги соочат аргументите за и против на сите заинтересирани страни.

-МТСП ја изработи драфт-верзијата, ја предочивме на сите членови односно партнерите во социјалниот дијалог, се уште во општеството има интерес за ова законско решение – за и против, меѓутоа ние не се откажуваме.  Верувам дека по Нова година законското решениеќе ќе влезе во собраниска процедура и ќе биде изгласано во интерес на оние заради кои го носиме. Дилемите се околу тоа кој треба да биде опфатен со недела неработен ден, односно кои дејности во државата треба да функционираат – здравството, полицијата, социјалната служба, центрите за детска заштита, старските домови, противпожарните служби, комуналните служби.  Тоа се витално важни дејности без кои оваа држава не може да функционира, рече Шахпаска одговарајќи на новинарски прашања по отчетот за сто дена од мандатот.