Шахпаска ќе чека уште една недела министерствата да се произнесат за неработната недела


Министерката за труд и социјална политика Јагода Шапаска очекува дека министерствата до кои е доставен нацрт законското решение за неделата како неработен ден своите сугестии ќе ги дадат во текот на наредната недела. Потоа, како што вели, конечната верзија на законот ќе биде ставена на ЕНЕР со цел уште еднаш за него да се произнесат сите заинтерсесирани страни, пред да влезе во собраниска процедура. Со оглед дека сега се прават измени во Законот за работни односи, таа очекува дека ќе има разумен период во кој и другите министерства потоа ќе можат да направат измени во областите кои тие ги покриваат со цел да се дефинираат исклучоците кои дејности и сектори ќе може да работат во неделите.

„Законот за прогласување на недела како неработен ден е всушност измена на Законот за работни односи во членот 134 каде што дефинираме дека недела е неработен ден доколку со друг закон или колективен договор поинаку не е решено“, изјави денес министерката Шахпаска, одговарајќи на новинарско прашање на прес конференција на која го презентираше предлог-буџетот на министерството за труд и социјална политика за 2021 година.

„Тоа е главната измена која што е предвидена во Законот за работни односи“, додаде таа.

Шахпаска објасни дека нацрт-законот е испратен до сите министерства и дека очекуваат повратен одговор околу нивни сугестии и дополнувања во основниот системски закон.

Потсети дека во текот на подготовката на драфт верзијата на законот имале консултации – меѓусекторски, меѓуресорски и со различни министерства и дека очекува заеднички да го изградат ставот во делот на тоа кои дејности и области во општесственото живеење би биле изземени со овој закон.

„Ние со носењето на законот сакаме и понатаму да овозможиме непречено функционирање на витално важните функции на државата“, рече Шахпаска. „Кога говорам витално важни, тоа значи 24 часовна покриеност со оние дејности кои што им се неопходни на граѓаните. Тука ќе наведам само неколку – здравство, полиција, против пожарните служби, комуналните служби кои што се под ингеренциите на единиците на локалната самоуправа и останати“, додаде таа.

Министерката нагласи дека очекува повратна информација од министерствата кои што имаат простор од една недела да ја видат оваа драфт верзија, да ги испратат нивните сугестии.

„Ние веќе почнавме да добиваме сугестии од министерствата, така што нашата намера е конечната верзија да биде објавена на ЕНЕР, уште еднаш да ја слушнеме реакцијата на јавноста, на стопанските комори, синдикатите, работниците и тн.“, рече Шахпаска

додавајќи дека денес на владина седница ќе иницира во следните седум дена да биде заокружена постапката кај другите министерства. .

„Главната измена е во Законот за работни односи, а останатите министерства треба понатаму да си ги направат измените во нивните материјални закони и да ги преточат во нивни законски решенија“, рече таа објаснувајќи дека Министерството за труд и социјална политика ја прави измената во системскиот Закон за работни односи кој што го дава костурот, ја дава главната насока за тоа дека недела треба да биде неработен ден.

„Оттука побаравме соработка и поддршка од сите министерства кои што ги адресираат проблемите од различни дејности во државата. На пример, Министерството за економија има најголем дел од материјалните закони кои што се однесуваат во регулирање на материјата за угостителство, за трговија, за туризам… Дополнително, Министерството за транспорт и врски ги регулира областите во делот на јавниот превоз кој што функционира и во неделите, околу тоа колкав ќе биде опфатот, дали сите ќе работат како во обичен работен ден, нешто што не е практика и сега. Министерството за информатичко општество исто така регулира некои области. Сфативме дека медиумите не се регулирани. Во овој системски закон сме дале некои насоки како треба да се движи дефинирањето од министерството со тоа што морам да истакнам по носењето на овој закон од страна на Министерството за труд и социјална политка сакаме да има разумен период кој што е неопходен за другите министерства да ги прилагодат законите со ова решение“, рече министерката Шахпаска. (М.Ј.)