Шахпаска: Градинките примаат деца – родителите може да одат на работа


Откако се појави ковид-позитивно дете во градинка во Центар, целата група од јасли кои биле заедно со детето во градинка, како и воспитувачката и негувателката се ставени во самоизолација, појасни денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Таа појасни дека детето било во градинка само еден час, првиот ден кога се отворија градинките, со цел адаптација, а следните денови родителите не го носеле.

Кога ги прашале зошто детето не посетува градинка, рекле дека вади запчиња. Вчера во 16 часот, градинката била известена дека детето е ковид-позитивно, по што институциите ги презеле сите мерки за заштита од зараза, при што било наложено децата и воспитувачите да бидат во самоизолација.

Детето е на возраст од година и пол.

Шахпаска рече дека градинките имаат простор за примање деца, а приоритет имаат децата на самохрани родители и оние чии родители мора да одат двајцата на работа. Има место за уште 4.500 деца.

Шахпаска укажа дека дел од родителите на деца кои можат да одат во градинка не ги носат децата, а тие продолжуваат да не одат на работа.

Таа смета дека жените кои досега беа на продолжено породилно боледување се здрави жени и не спаѓаат во групата ризични.

Тврди дека во градинките има место за сите деца, а заради зголемен број деца во јасли, протоколот сега предвидува место шест деца во група, за нив да биде дозволено до 12, затоа што вирусот меѓу нив не се шири и постои многу мал ризик за пренесување на болеста.

Затоа, министерката за труд и социјална политика смета дека барањата да се продолжат мерките за родители на деца до шест или 10 години да не одат на работа не се издржани. Вели дека на 7 јули беше укината мерката за родителите на деца до 10 годишна возраст, по што тие цело лето го поминаа дома, а сега кога треба да одат во училиште, родителите треба да продолжат да одат на работа.