Шабан Трстена со моќна порака за македонските олимпијци


Еден од најдобрите македонски спортисти на сите времиња, златниот олимпиец од Лос Анѓелес 1984, Шабан Трстена пред денешниот  официјален старт на Летните олимписки игри 2024 во Париз, испрати порака до спортистите кои ќе ја претставуваат Македонија на ЛОИ.

Им посака успех на престојните Олимписки игри, повикувајќи ги сите млади спортисти силно да веруваат во својот сон на патот до успехот.

„Како милиони спортисти во светот кои имаат олимписки соништа, и јас имав сон… Во мојот живот имаше само една цел – да бидам шампион како мојот идол Мухамед Али. Почутивани пријатели, сакам да ви раскажам еден дел од мојот спортски живот. Сакам ова да го прочитаат посебно младите за да чекорат по патот по кој одев јас“ – вели Трстена во своето обраќање преку социјалните мрежи и продолжува:

„И денес се сеќавам на моето семејство и моето детство пред 49 години, тогаш дома немавме телевизор, а во нашето маало имаше само една кафеана каде што имаше телевизор. Таму се собираа многу луѓе, особено кога боксерската легенда Мухамед Али боксуваше, во 1975/76 година, јас и други сиромашни деца се доближувавме до кафеаната, но само на прозорецот затоа што не ми дозволуваа. Но,иако не ми дозволија, не можеа да го уништат мојт голем сон да тргнам по патот на мојот идол. Често, кога го гледав него на ТВ ќе си речев: „О, Боже мој и јас сакам да бидам шампион како боксерот Мухамед Али“. Можеби мојата молитва ја слушна мојот брат Мухарем, па еден ден како дете го откри мојот талент и за прв пат ме однесе да тренирам борење во 1977 година во спортска сала Партизан во Чаир.

И од тогаш, од тие мои 12 години ми требаше само седум години,за да го остварам мојот сон. Притоа, морав да се потпрам на 5 главни услови: Прво, дисциплина, голема волја, упорност, верба во Бог и верба во мојата борбена душа. Имам една поговорка која вели: Колку и да е силен ветерот, планината не се тресе, такви треба да бидат спортистите. Еден од тие бев и јас, без разлика на тоа колку е тежок патот до успехот, спортистот не треба да падне, туку да остане силен, како камен кој може да ја издржи секоја бура. Фала му на Господ, јас како млад спортист и со моите двајца легендарни тренери Насе Насев и Хајруш Синани заедно издржавме тешкотии, но притоа требаше да поминаме и многу битки и бариери, победи, порази, радости и тага. Само ваквите вистински спортисти се искачуваат на највисокиот спортски пиедстал“.

Трстена се осврнува на својот макотрпен пат за да се дојде до олимписките медали.

„За да ги постигнам овие спортски резултати и успеси ми требаше еден долг и макотрпен пат, титански напор додека траеја вежбите и подготовките, како трчање по улиците без престан, на сонце, дожд и снег, мачните вежби во ресторански сали, каде што потта течеше како река. Толку многу,што не можам да се замислим и да се објасни со зборови, бидејќи за врвните успеси се бараа голема сила и храброст. Секоја техника имаше различна моќ, долга и кратка, слаба и силна, лесни и тешка, тоа е техниката што може да ги поврзе умот и телото за да бидете голем и моќен шампион. И тоа се случи двапати да се качувам до врвот на олимпизмот. Само со голема верба и благодарение на семоќниот Бог го реализирав својот детски сон. И не случајно двапати бев прогласен за најдобар борач во светот и во Европа, и тоа во олимписките години, 1984 и 1988. Прогласен сум за спортист на 20. век во Македонија и најдобар спортист во Југославија, и тоа во најголема конкорација во олимписката 1984 година. Седум пати бев прогласен за најдобар спортист на годината во Македонија и 10 пати прогласен спортист на Град Скопје. Добитник сум и на 19 медали од различни нивоа, меѓу кои и на европски и светски шампионати, а многу пати и на медитерански и балкански шампионати.

А тајната на успехот е тренинг и само тренинг! Одев прв, но го напуштив тренингот последен. Секој ден, ама буквално секој ден, тренирав и секогаш со една мисла – кога можеше Мухамед Али, можам и јас да бидам шампион! Секој млад спортист што тренира треба да има и свој детски сон и да има идол од големите светски имиња. Јас по само седум години станав шампион како мојот идол Мухамед Али“ – вели Трстена и завршува:

„Нека даде Бог не само учество со вајлд карти, туку младите македонски спортисти еден ден да го почувствуваат и олимпискиот шампионски сјај. Затоа оваа моја порака нека биде мотивација за младите спортисти и за секој кој сака да успее во својот живот“.