„Сфинга на гневот“ на Жарко Кујунџиски е македонски кандидат за книжевната награда „Балканика“


Книгата „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски е годинашен претставник во трката за меѓународната книжевна награда „Балканика“.
 
Манифестацијата ќе се одржи во Софија во Бугарија на почетокот на следната година, а наградата ќе биде доделена од меѓународно стручна комисија од седум члена, со по еден претставник од секоја до државите членки. Претседател на жирито е професорот Ендрју Вахтел од САД.
 
Годинава, на конкурсот за избор на национален претставник за оваа меѓународна награда, до организаторот, издавачката куќа „Магор“, пристигнаа книгите – „На патот кон невратот“ од Петре Наковски, „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски, „Бај Којо“ од Владимир Плавевски, „Девојчето и градот“ од Ване Костуранов, „Боксерот од Ново маало“ од Владимир Плавевски, „Недопрени бисери“ од Ленче Милошевска, „Прстен и парфем“ од Мишо Китаноски, „Лазарка“ од Љупчо Петрески, „Денот кога не се разбудив“ од Моџо Килингтон, „Курвински хроники“ од Александар Русјаков, „Не правете им сенка на гробовите“ од Дијана Петрова, „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски, „Фантомско стапало“ од Блаже Миневски, „Турнеја“ од Сашо Огненовски и „Песја прељуба“ од Велко Неделковски.

Стручната комисија за избор на нашиот национален претставник во трката за оваа престижна книжевна награда беше во состав на претседателот Александар Прокопиев и членовите Весна Мојсова-Чепишевска и Александра Јуруковска во најтесен избор ги избра делата „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски во издание на „Антолог“ и „Лазарка“ од Љупчо Петрески во издание на „Арс ламина“. На својот последен работен состанок, стручната комисија едногласно ја избра книгата „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски.

-Романот „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски се издвои како исклучително интересно и популарно четиво кое функционира на две рамништа. Тој е насочен и кон учените сладокусци поточно кон оние што преферираат т.н. елитна книжевност, но и кон обичните искрени вљубеници во книгата. Романот и покрај комплексноста има убава динамика со која се доближува до динамиката на трилерот или уште поконкретно до една суптилна комбинација од трилер и книжевна метафикција, пришто целата приказна постојано го подгрева вниманието и љубопитството на читателот, соопштија од издавачката куќа „Магор“.
 
Инаку, фондацијата Балканика е основана во 1996 година, од страна на релевантни издавачки куќи од седум држави од Балканот – Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, Турција и Романија. Седиштето на Балканика се наоѓа во Софија во Бугарија, а претседател е писателот и издавач Николај Стојанов.
 
Во Балканика членуваат по една реномирана издавачка куќа од секоја од седумте држави-членки на фондацијата. Одржувањето на книжевната манифестација ротира кај секоја од државите членки. Значајно е да се истакне дека секој добитник на наградата се стекнува со голем публицитет и вон балканските држави, и неретко е значајна за пробивањето на авторот во меѓународни рамки, а со самото тоа и афирмацијата на книжевноста на државата од која доаѓа.

Досегашни добитници на наградата од нашата држава се Венко Андоновски со „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев со „Човечулец“.