Сезона на митинзи – Скопје блокирано, вооружете се со трпение


Денеска почнува изборната кампања за претседателските избори, а тоа значи мака за скопјани. Вечерва, голем митинг подготвува опозициската ВМРО-ДПМНЕ, традиционално пред Владата, па веќе од вчера мостот „Гоце Делчев“ и дел од улицата „Илинденска“ се забранети за сообраќај.

Се носеа реквизити за поставување на бината, озвучувањето, осветлувањето. Тоа направи голем метеж во сообраќајот во попладневните часови вчера, а исто е и утрово. Продолжуваат подготовките. Затворањето еден километар сообраќајница пред Владата, значи пренасочување насите возила во строгиот центар на Скопје, преку „Рекорд“. Оние кои чекаат автобус, никако да го дочекаат, а штом дојде, е преполн. Дел од граѓаните кои се возеа во градски автобус коментираа дека никогаш не е така во Куманово, само во Скопје. Со леснотија стоеја во метежот во автобусот, затоа што инцидентно се затекнуваат во такви услови. Од друга страна за скопјани тоа е речиси секојдневие, па трпението не им е на толку високо ниво.

Тоа што другите претседателски кандидати, капмањите ги почнуваат во другите градови низ републиката (Прилеп – Стево Пендаровски, Крушево – Максим Димитриевски, Струмица – Билјана Ванковска), само значи дека по автопатот и по регионалите патишта денеска може да се очекува малку погуст сообраќај, а не треба да се заборави дека кон тоа ќе придонесат и сите оние возила кои ќе се упатат за Скопје пред митингот на опозицијата.

Затоа, денеска вооружете се со трпение или земете некои алтернативно превозно средство со вас како велосипед или тротинет. Да стигнете дома брзо, попладне ќе биде невозможна мисија. Освен, ако не присуствувате на некој од митинзите.