Северозападниот дел од Сирија бомбардиран со барел бомби


Училишта, медицински објекти и станбени подрачја во северозападниот дел на Сирија, што е под контрола на бунтовниците, погодени се од најжестоко бомбардирање со барел бомби во последните 15 месеци, изјави регионалниот хуманитарен координатор на Обединети нации Панос Мумцис.

Руските и сириските сили ги интензивираа воздушните напади и го гранатираа северозападниот  регион во текот на ноќта. Тоа е најголем напад откако е прогласена демилитаризирана зона во рамките на руско-турскиот договор.

Барел се импровизирани бомби кои често се опишуваат како летечки импровизирани експлозивни направи. Тие обично се направени од голем метален контејнер исполнет со експлозив, но и шрапнели, масло или хемикалии и се фрлаат од хеликоптер или авион. Барел бомбите не се прецизни, а според меѓународните конвенции се и нелегални.