Северна Македонија очекува датум за преговори со ЕУ, државниот врв верува во поддршка


Граѓаните и Северна Македонија се во очекување на датумот за почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ. Друга алтернатива за државниот врв не постои и верува во поддршка од земјите членки.

„Северна Македонија ги исполни буквално сите предуслови за почеток на преговорите. Стабилноста на целиот регион е поврзана директно со евроинтегративните процеси, а Западен Балкан е дел од Европа исто толку важен за проектот на обединета Европа, како и за земјите основачи, истакна претседателот Стево Пендаровски вчера на прес-конфернција во Виена по средбата со претседателот Александер Ван дер Белен.

Сојузниот претседател Ван дер Белен, кој на средбата со Пендарвоски реафирмирајќи ја австриската поддршка во нашите евроинтеграциски процеси, истакнал дека нашата држава заслужува да добие датум за почеток на претпристапните преговори.

Според премиерот Зоран Заев, интересот на Република Северна Македонија да почне преговори со ЕУ не се само наш интерес, туку и интерес на целиот регион. Тој очекува Софија да даде поддршка на почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ и оти тоа е и обврска и од Договор за пријателство, добрососедство и соработка.

„Бугарскиот и македонскиот народ се пријателски народи. Ние политичарите треба да им служиме. Јас верувам дека Бугарија ќе даде поддршка на добивањето датум за почеток на преговори на РСМ со ЕУ. Толку долго очекувана одлука, веќе 15 години. Тоа е и обврска и од Договорот што го имаме, за кој мора двете страни да водат грижа за неговото исполнување. Јас сум среќен што постигнавме Договор за пријателство, добрососедство и соработка. Тој Договор заокружи значајни поглавја досега, веројатно застанавме за не така лесно поглавје, кое што треба преку комисиите, воспоставени од двете страни, да го решиме. Ние сме со намера да продолжиме да ги решаваме работите и да ги изнаоѓаме начините, од каде двете земји и двата народа ќе излезат како победници“, рече Заев.

За вицепремиерот Бујар Османи, кој една недела пред донесување на одлуката, беше во посета на Италија, смета дека нашите напори привршуваат и кредибилитетот на Европската Унија од денес е во рацете на земјите членки

„Не можеше подобар финиш на турнејата по европските метрополи во пресрет на октомврискиот самит на ЕУ, од денешната посета на Италија. Со новиот министер за европски прашања, Винченцо Амендола, не само што обезбедивме зелено светло за почеток на преговорите, туку и цврсто уверување од Амендола дека Италија ќе ги искористи сите можности за да се обезбеди потребниот консензус за Република Северна Македонија“, изјави вицепремиерот Османи.

И претседателот и премиерот не очекуваат пречка во добивањето датум за преговори да биде Франција, која сака да поднесе предлог за нова методологија во пристапните преговори за членство во ЕУ идната недела на министерскиот состанок во Луксембург, со што би можело по трет пат да се одложи одлуката за отворање преговори за Албанија и Северна Македонија.

„Франција е голем пријател на РСМ. Информациите ни кажуваат дека се бара методологија која ќе ги убрза преговорите, но може и да ги врати назад кога не успеваат државите. И тоа е фер позиција затоа што ние не сакаме само да преговораме, да отвараме и затвараме поглавја, туку сакаме да се трансформираме кон подобро и да станеме еднаква, од сите можни аспекти, земја и народ со Европа и европските народи. Верувам низ потребата на Франција и други земји да се вгради една таква методологија, сепак, нема да биде пречка за донесување на одлуката за почеток на преговори со ЕУ. Нема земја која денес е членка на ЕУ или преговара со ЕУ која направила повеќе од РСМ за да ја добие заслужената одлука за почеток на преговорите, вели Заев подвлекувајќи дека е оптимист и дека сепак не би сакал да избрзува со какви било заклучоци“, вели Заев.

Претседателот смета дека Франција не нè блокира и дека не станува збор за француско вето за почеток на пристапните преговори.

„Франција со право бара подобрување на методологијата во преговорите со која што придобивките и напредокот при преговарањето, по сите различни поглавја, 35 како што се предвидени, да биде неповратен. Значи, кога ќе се оствари напредок да има јасни критериуми дека тоа е напредок, и дека нема да има назадување неколку години откога ќе ги поминете преговорите и откако ќе станете членка на Европската Унија“, рече Пендаровски.

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние изјави дека прашањето за датумот е едно, а друго се принципите, кои се важни колку што е важно и да соработуваме.
„Ако има нешто што нè обединува, нас европските претставници, тоа е едно нешто: на Северна Македонија, по сите досегашни напори и напорите што ќе следуваат, местото ѝ е помеѓу нас во ЕУ, да соработуваме.  Можам да ви кажам дека сме мотивирани за соработка“, изјави Тимоние на свеченоста по повод 11 Октомври во Куманово.