Северна Македонија бара ЕС во јуни да ја материјализира одлуката за почеток на преговори со ЕУ
Официјални претставници на Северна Македонија го реафирмираа барањето Европскиот Совет (ЕС) во јуни конечно да ја материјализира одлуката за почеток на преговорите од март, минатата година, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, вчера како дел од засилената дипломатска активност, а во контекст на европските интеграции на земјава, испрати писма до повеќе политички центри во рамките на ЕУ, додека вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров вчера на конференција во Скопје потенцира дека со одлагањето на стартот на преговорите загубивме ние, но и регионот, ЕУ и Бугарија. Шефот на државата Стево Пендаровски, кој е во посета на Брисел, во интервју за МИА истакна дека после една година пауза заради пандемијата, треба малку да се повратиме во оној стар колосек во кој имавме практично дневна комуникација и да се вратиме на најбитното прашање за нас ЕУ интеграциите и првата Меѓувладина конференција, кога таа би се одржала и какви се шансите, особено, сега после изборите во Бугарија.
Османи, како што соопшти МНР, испратил писма до министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, претседателите на политичките групи во Европскиот парламент, членовите на Комисијата за надворешна политика – АФЕТ, до пратениците од ЕП, кои се дел од неформалната група на пријатели на Република Северна Македонија, како и до други претставници на институциите на ЕУ.
-Оваа година се одбележуваат 20 години од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу Северна Македонија и ЕУ и 16 години откако го добивме статусот на земја кандидат. Историската одлука од март минатата година, ЕУ да ги отвори преговорите за пристапување на Северна Македонија дојде како резултат на значајните достигнувања во реформите и храбрите одлуки што раководството и граѓаните на Северна Македонија ги донесоа како потврда на стратешката насока што ја избравме. Историскиот Договор од Преспа со Грција и Договорот за пријателство со Бугарија беа главната одредница и иницијална каписла што ги отвори вратите за европската иднина на Северна Македонија, но истовремено дадоа поттик и за сите земји од Западен Балкан, наведува Османи.
Усвојувањето на преговарачката рамка и свикувањето на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија, пишува шефот на дипломатијата, стана силна симболична точка кон која се вперени сите погледи на нашите граѓани и целиот регион, што ги издигнува до ниво на тест на кредибилитетот на ЕУ во однос на целиот Западен Балкан.
-Затоа, започнувањето на овој реформски фокусиран, методичен и навидум технички процес ќе испрати силен охрабрувачки сигнал до нашето општество и низ целиот регион, истовремено зачувувајќи ја строгата условеност воведена со новата методологија, која воведува посилен политички надзор од страна на земјите членки и реверзибилност на процесот, наведува Османи.
Во периодов, министерот за надворешни работи, настапува со засилен ангажман и интензивна динамика која се огледува не само преку бројните посети низ главните метрополи на ЕУ, туку и преку други бројни иницијативи, користејќи ги сите можности за презентација на нашата приказна.
-Османи има јасна цел: Европскиот Совет во јуни конечно да ја материјализира одлуката за почеток на преговорите од март минатата година, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција. Писмата испратени се надополнуваат во дипломатската офанзива на министерот Османи, наведоа од МНР.
Вицепремиерот Димитров на конференција во Скопје потенцираше дека минатата година почна добро, дека има нова методологија којашто овозможи безусловно зелено светло, меѓутоа не заврши добро.
-Со еден таков епилог прво изгубивме ние, потоа изгуби регионот, бидејќи бледнее надежта дека европската перспектива е реална, изгуби и ЕУ бидејќи заедно со намалување на кредибилитетот се намалува и влијанието, а мислам дека изгуби и Бугарија бидејќи имавме една голема можност што треба да се обидеме заедно да ја вратиме, да градиме едно вистинско и блиско партнерство и пријателство, рече тој.
Во обраќањето на конференцијата „Спогодбата за стабилизација и асоцијација МК-ЕУ – дваесет години и натаму“, организирана од тинк-тенк организацијата „Институт за европска политика – Скопје“, Димитров нагласи дека Северна Македонија е на ниво на усогласеност со земји во регионот кои веќе преговараат, а во некои поглавја и подобра од нив, посочувајќи дека нашиот напредок е препознаен и дека предизвиците мора да резултираат со успех, бидејќи немаме друга алтернатива освен европеизирање на македонското општество.
– Спогодбата продолжува да биде единствената правна рамка која ги регулира нашите односи со ЕУ и можеби уште поважно, ги штити нашите интереси, особено интересите на домашното стопанство, вклучувајќи ги и услугите. Затоа, ние немаме друга алтернатива. Мора да продолжиме активно да ги исполнуваме и нашите обврски кои произлегуваат од Спогодбата, носејќи ги европските вредности дома. Во тој процес се обврзуваме да бидеме инклузивни и транспарентни, а тоа подразбира искористување на сите капацитети, не само на институциите, туку и на граѓанскиот сектор, на академската заедница, на стопанските комори и синдикатите, бидејќи сите ние поеднакво сме засегнати не само од бенефициите, туку и од предизвиците кои со себе ги носи пристапниот процес, додаде вицепремиерот Димитров.
Земјава има грешки, вели, далеку сме од совршени, но има области каде сме добри и посочи на денешниот извештај на Фридом хаус кој не става, како што рече, во едно многу мало друштво на држави кое има напредок во перформансот на македонската демократија.
-Ако целта на пристапниот процес е демократска трансформација, меѓу другото, ЕУ не смее да го игнорира. Каква порака ќе пратат кон другите земји во регион кој е тешко обременет со спорови и тешки прашања, ако не се одржи ветувањето и најавите во Преспанскиот договор дека тој ќе ги отклучи вратите на чекалната на пристапниот процес. Во таа смисла годинава влогот е огромен и за нас, и за регионот и за ЕУ и јас сум уверен дека со една визионерска политика ќе се најдеме и со нашите соседи, бидејќи нема други земји членки кои што би требало да имаат поголем интерес од видлив напредок, ичекори кон една европска Северна Македонија, пријателска предвидлива земја која ќе има политики на линија на ЕУ во сите области, порача Димитров.
Северна Македонија има усвоено една третина и над тоа од европското acquis, а Спогодбата која ги дефинира и финансиските релации со ЕУ и преку фондовите на Унијата во последните два финансиски циклуси 2007-2013 и 2014-2020, Унијата кај нас алоцираше преку 1,25 милијарди евра финансиската помош.
На истата конференција зборуваше и заменик-раководителката на единицата за Северна Македонија во ЕК, Мари Тереса Моран, која истакна дека ССА во поширок контекст овозможи финансиска и техничка помош, асиметрични мерки на трговија кои Северна Македонија прва ги искористи, како прв потписник на Спогодбата и е прв партнер за кој препорачале да стане кандидат пред 16 години, поради што ја споделува нашата фрустрација. Но нагласи дека очекува скора деблокада на пристапниот процес, а високото ниво на усогласеност со ЕУ-законодавството ќе овозможи земјата брзо да се движи низ процесот.
Претседателот на државата Пендаровски во интервју за МИА дадено за време на неговиот престој во Брисел, вели дека постојат многу мали шанси Северна Македонија да ги отвори преговори со ЕУ пред први јули.
-Ова за Северна Македонија е најлошото сценарио бидејќи земјата нема во овој момент соговорник од бугарска страна и никој не може таму да носи политички одлуки. Токму во време кога Северна Македонија се надева на конечно ефективно зелено светло за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, нагласи Пендаровски.
Шефот на државата уште еднаш повика Бугарија да назначи поединец или ентитет со кој Северна Македонија ќе може да продолжи да преговара и да постигне компромис кој ќе ги отвори европските врати.
Пендаровски нагласува дека нашата теза секогаш била да разговараме за европските принципи и за меѓународните стандарди.
-Нашата теза секојпат била и во спорот со Грција, кој траеше толку долго, се надевам дека овој нема ни приближно толку да трае, беше дека ние сакаме да разговараме за европските принципи и за меѓународни стандарди. Ако е меѓународен стандард, вие или јас, кој било, и во Бугарија и каде било секој индивидуално да се дефинира што е и како е и дека никој не смее тоа да го оспори. Не гледаме причина во рамки во контекс на европските интеграции да зборуваме дали ти или некој од надвор може да напише на хартија, ти не си тоа што мислиш дека си. Значи сакаме да зборуваме само и само за европските принципи, ништо повеќе, ништо помалку, потенцираше шефот на државата.
Претседателот Пендаровски е дециден дека мораме да продолжиме да разговараме со Европа, бидејќи таа не е единствената, меѓутоа е најдобрата алтернатива за нас.