Северна Кореја ја ограничи количината на храна на 300 грама дневно


Околу 40 отсто од населението во Северна Кореја има итна потреба за помош во храна, поради тоа што земјата имаше најлоша жетва во изминатава деценија, објавија Обединетите нации. ОН на барање на Северна Кореја спроведе проценка на сигурноста за храна и утврди дека над 10 милиони луѓе се под ризик од глад до следната жетва. Вкупната популација на оваа земја е 25,2 милиони луѓе.

Лошата жетва предизвика недостиг на жито во Северна Кореја од 1,36 милиони тони, принудувајќи ја владата да го намали износот на храна што граѓаните може да го изедат дневно на 300 грама. Минатата година во исто време тој минимум изнесуваше 360 грама.

Студијата откри дека луѓето во Северна Кореја внесуваат многу малку протеини а некои семејства конзумираат протеини само неколку пати годишно.

Северна Кореја со години се потпира на поддршката на ОН при набавка на потребните количини храна, но не се откажува од нуклеарната програма.