Северна Кореја изврши ново тестирање на интерконтинентална балистичка ракета


Северна Кореја истрела интерконтинентална балистичка ракета во морето и продолжи со ракетни тестови од висок профил, ветувајќи силен одговор на потезите на САД и Јужна Кореја за зајакнување на плановите за нуклеарно одвраќање, соопшти војската на Јужна Кореја.

Официјален Сеул остро ја осуди „непромислената провокација на Северна Кореја“, додавајќи дека Пјонгјанг ќе биде одговорен за можните последици.

Северна Кореја истрела интерконтинентална балистичка ракета со цврсто гориво, соопшти кабинетот на јужнокорејскиот претседател, повикувајќи го официјален Вашингтон да ги зајакне заедничките планови за нуклеарно одвраќање.

Јужнокорејската војска соопшти дека севернокорејската ракета прелетала околу 1.000 километри пред да слета во водите меѓу Корејскиот полуостров и Јапонија. Се наведува дека севернокорејската ракета била лансирана под подигнат агол во очигледен обид да се избегнат соседните земји, со оценка дека станува збор за „тешка провокација“ што го загрозува меѓународниот мир.

Се смета дека севернокорејското ракетно тестирање ја прекршило резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се забранува каква било активност што вклучува севернокорејски балистички ракети.

По лансирањето на балистичка ракета од Северна Кореја, Соединетите Американски Држави ја потврдија својата посветеност на одбраната на Јапонија и Јужна Кореја. За време на разговорите меѓу советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливен, директорот на Канцеларијата за национална безбедност на Јужна Кореја, Чо Тае Јонг и јапонскиот генерал Акиба Такео, заеднички беше осуден најновиот севернокорејски ракетен тест, соопшти Белата куќа.