Северина на Викенд Медиа Фестивал во Ровињ: Како  дигитализацијата влијае на музичките трендови?


Хрватска- Северина, Тончи Хуљич, Раста и Рексона ќе дискутираат за вртоглавата популарност на новите жанрови домашна музика и како влијаат дигиталните платформи на трендовите во музиката на 12. издание на Викенд Медиа Фестивал кој ќе се одржи од 19. до 22. септември во Ровињ. Покрај интересните предавања и провокативните и конструктивни дискусии за трендовите во медиумската индустрија, овој фестивал е познат и како место за најдобра забава.

На панелот Kој таму пее? Нов бран музички трендови во Регионот ќе се зборува за вртоглавата популарност на новите жанрови домашна музика и дигитализацијата на музичката индустрија. Ќе се анализира и како се снаоѓаат оние кои со децении царуваат на естрадата во период кога популарноста на ЈуТјуб е порелевантна од топ-листите, а Инстаграм (Instagram) е поважен од сите весници.

“Оние кои знаеја и умееја да направат хитови пред дигитализацијата, знаат и умеат и сега. Интернетот ни даде простор и ни овозможи да достигнеме до публика до која претходно не можевме, иако, мислам дека до својата 30-та година луѓето слушаат што сакаат, а потоа доаѓаат на мој терен“ – изјави Тончи Хуљич.

Северина истакнува како со развојот на новите технологии во последните десет години завладеаја и нови трендови во музичката индустрија. „Токму овие нови трендови, како што се ЈуТјуб, Дизер (Deezer), Спотифај (Spotify), но и социјалните мрежи, нас музичките артисти ни помогнаа нашиот глас, односно песните, да се чујат во секој дел од светот. Нормално дека сѐ уште постои онаа публика која сака физичко ЦД, но денешните генерации целиот свет, вклучувајќи ја и музиката, го гледаат преку екраните на своите паметни телефони.  На денешната публика не можете да и наметнете што да слуша, затоа што и понатаму – најважна е песната. Без разлика дали е на ЦД, на винил, на ЈуТјуб, или пак на некој стриминг сервис, песната е онаа со која ние, музичките артисти, остваруваме емотивна поврзаност со својата публика, која на крај се гледа или не, на концертите. Со оглед на тоа дека отсекогаш сум експериментирала со музиката и сум истражувала нови стилови, логично, ги истражував и новите канали на комуникација со својата публика, што на крај се покажа како правилно. Навистина се радувам на новите работи кои пристигнуваат“ – изјави Северина.