Севдије Коџа од Дебар разрешена поради фалсификуваниот сертификат од Пловдив
Општата болница со проширена дејност Дебар од денеска има нов директор, дознава „Слободен печат“. Досегашната директорка на болницата педијатарката Севдије Коџа е разрешена од функцијата директорка на дебарската болница, откако во суд призна вина дека со фалсификуван сертификат по англиски јазик од правниот субјект „Јулија Цо. ЛТД“ Пловдив Бугарија, дошла на позицијата, односно аплицирала на јавниот повик за директорското место во болницата.
Нов директор на Општата болница Дебар од денеска е Мерсим Колечи. Се очекува официјално решение да добие деновиве.
Инаку, разрешувањето на Севдије Коџа доаѓа откако со признание на вина, таа е осудена на условна казна за фалсификување исправа – сертификат по англиски јазик, неопходен законски услов за директорската функција.
Ваквите фалсификувани сертификати деновиве се предмет на голем интерес од јавноста. Двете осудени директорки не се единствените што имале сертификат за познавање англиски на кој се појавувало името на правниот субјект Julia Co. LTD. Директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, кога аплицирал за избор на асистент на Факултетот за безбедност, исто така приложил диплома за положен ТОЕФЛ од правен субјект Julia Co. LTD. Не е проверено дали се работи за истата фирма од Пловдив или за друга. Дали во Македонија има мрежа за издавање вакви лажни сертификати за ТОЕФЛ со цел именувани лица формално правно да ја задоволат законската обврска да приложат уверение за познавање англиски јазик, е прашање на кое пресудата не даде одговор.
Фалсификуваните сертификати по англиски јазик што ги добиле двете осудени директорки преку бугарското студио „Јулија“, биле откриени случајно при друга истрага на полицијата во Агенцијата за администрација, дознава БИРН.
Од август 2022 година под мерки за следење биле вработени во Агенцијата, кои, за пари им помагале на кандидати да го положат испитот за административен службеник.
Според извори на БИРН од истрагата, инспектори од одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР истражувајќи го овој случај за злоупотреби дошле до пишана комуникација на обвинет во која се споменуваат некакви „потврди“.
Од таа комуникација, дознале дека станува збор за посредување при добивање сертификати по англиски јазик, ТОЕФЛ, од Бугарија.