Сеул тврди дека Северна Кореја истрелала повеќе крстосувачки ракети од својот источен брег


Северна Кореја денеска лансираше повеќе крстосувачки ракети од локација на нејзиниот источен брег, во време кога соседна Јужна Кореја одржува заеднички воени маневри со американските сили, соопшти јужнокорејската воена команда.

Британските медиуми наведуваат дека ракетите биле истрелани околу 10:15 часот по локално време од севернокорејската провинција Јужен Хамџонг, се наведува во соопштението на јужнокорејската воена команда.

Денешното пробно лансирање на проектили доаѓа само три дена откако официјален Пјонгјанг истрела балистичка ракета со краток дострел кон морето, исто така, од својот источен брег.

Властите во Пјонгјанг долго време негодуваат на јужнокорејско-американските воени маневри, тврдејќи дека се подготвуваат за инвазија на Северна Кореја и возвраќаат со пробни лансирања на проектили во морето за време на вежбите на ривалската страна.

Јужна Кореја и САД ги отфрлаат обвинувањата на Северна Кореја и велат дека нивните воени вежби се од одбранбен карактер.