„Сестри“ на Дума- прв македонски филм на Нетфликс
Филмот „Сестри“ на младата режисерка Дина Дума е првиот македонски филм што ќе се прикажува на „Нетфликс“ почнувајќи од овој петок.
„Сестри“ во август имаше светска премиера на Филмскиот фестивал во Карлови Вари каде што ја освои Специјалната награда на жирито во програмата Источно од Западот. Филмот е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест кога се соочени со последиците од нивното декадентно однесување, а македонската премиера беше на Фестивалот за филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.
– Да, точно е. Можам и официјално да потврдам дека „Сестри“ е прв наш филм што ќе се прикажува на „Нетфликс“. Идејата за „Сестри“ се роди пред пет години и со тоа започна и процесот на пишување на сценариото. Сценариото го пишував заедно со Мартин Иванов, кој е и монтажер на филмот. Филмот се снимаше на крајот од 2019 година, шест недели на различни локации низ Скопје – изјави Дума за факултети.мк.
„Сестри“ пред една недела првпат се прикажа во кино кај нас, во „Милениум“. Инаку, ова е дебитантско издание на Дума, кое ќе биде и македонски кандидат за „Оскар“ за најдобар меѓународен филм за 2022.