Сестри, браќа, братучеди, мајки, татковци и сопружници на советничката листа на ЗНАМ во Струга


Политиката во Струга добива нова димензија – наместо програмски и кадровски избор, кандидатската листа на ЗНАМ за советници изгледа како семејно стебло во кое речиси секој кандидат е поврзан со брат, сестра, мајка, сопруга, братучед или баџанак. Според информациите добиени од извори во Струга, целата листа на оваа партија повеќе наликува на семејно наследство отколку на политички избор.

На прво место е Игор Митрески, а на деветто неговата сестра Емилија Митреска. На 23-та позиција е нивната втора сестра Катерина Тодоровска, а на 13-то место нивниот прв братучед Кирил Митрески.

На второ место е Марио Ѓиноски, а на петто неговата мајка Соња Ѓиноска.

Под трет број е Ивана Коркутоска, на седмо нејзиниот татко Александар Коркутоски, а веднаш до неа, четврти, е нејзиниот тетин Љупчо Симакоски, кој воедно е и баџанак со Александар Коркутоски.

На шесто место е Дејан Столевски, а на седумнаесетто неговата мајка Слаѓана Столевска.

На осмо место е Димче Димоски, а на четиринаесетто неговата сопруга Жаклина Димоска.

Под дванаесетти број е Елизабета Скрческа, а на шеснаесетти нејзиниот сопруг Дејан Скрчески.

На деветнаесетто место е Кристијан Мечкароски, а на дваесет и прво неговата сопруга Бисера Мечкароски.

На дваесетто место е Влатко Делиоски, а на дваесет и второ неговиот брат Крсте Делиоски.

Анализата на оваа листа покажува дека речиси и да нема кандидат кој нема свој близок роднина на иста партиска листа. Она што вообичаено би требало да претставува политичка конкуренција и избор на идеи, во случајот со ЗНАМ во Струга се претвора во семејна поделба на советнички места.

Дополнително, ЗНАМ во Струга нема да има свој кандидат за градоначалник, туку ќе настапи исклучиво со листа за советници.

Прашањето кое логично се наметнува е: дали граѓаните ќе гласаат за програма и визија или за семејни кланови кои партијата ги распоредила по редни броеви?