Сервер: Владата да се посвети на обемна и фер судска истрага за случајот „Рекет“

Во коментар за истрагата околу случајот „Рекет“ и можната поврзаност на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, Даниел Сервер од универзитетот „Џон Хопикинс“, изјави дека ваквите случаи треба да имаат судска разрешница.

Во изјава за МИА, политичкиот аналитичар укажа дека тоа може да биде процес кој нема да заврши брзо.

-Сметам дека главно во момнетов е Владата да стави до знаење дека е посветена на обемна и фер судска истрага, и ако треба, судење над оние кои го извршиле криминалот, изјави тој.

На прашање од МИА дали случајот би можел да се одрази врз претпристапните преговори со ЕУ, Сервер изјави дека тоа зависи од самата Унија.

-До Брисел е да одлучи дали треба некакво одложување. Но, убеден сум дека искрена и јасна посветеност на Владата ќе го отвори патот за отварање на преговорите, изјави Сервер.

Со сличен коментар се огласи и Пол Мекарти, директор за Европа во Меѓународниот републикански институт во Вашингтон, кој укажа дека треба да се дозволи истрагата да продолжи понатаму за да се види што всушност е точно, а што не е.

-Во овој момент ние ги имаме само овие снимки и тоа сигурно е загрижувачки. САД, особено Меѓународниот републикански институт, водат голема грижа за институционална транспарентност и силно судство. Истрагата треба да биде завршена, изјави Мекарти за Гласот на Америка..

Тој вели дека опозицијата треба да почека да се реши случајот, пред да излегува со какви било заклучоци.

Важно е да биде конструктивна, а американските пријатели се тука за да ја потсетат на тоа, рече тој.

Според него, Специјалното јавно обвинтелство е важна институција која треба да постои, независно како ќе биде организирана, но, оти мора да биде политички независна ако сака да опстане.